Свет
Украинскиот министер за надворешни работи ги повика сојузниците да не подлегнуваат на уцените на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Андри Сибига ги повика сојузниците на Украина „да не попуштаат пред руските уцени“ откако Русија најави „системски напади“ врз цели во Киев, меѓу кои и објекти на украинските оружени сили и „центри за донесување одлуки“.
Сибига изјави дека Русија ја ескалира војната и ги исмева сите мировни напори додавајќи дека одговорот на меѓународната заедница треба да биде „пропорционален и силен“, со дополнителни пакети воена помош и ракети за Украина.
Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин мора да ги разбере последиците од одбивањето сериозни преговори и оти Русија „никогаш нема да ги постигне своите воени цели“.
Москва соопшти дека нападите се одговор на украинскиот напад врз објект во Луганската област, а Киев тврди дека напдот брз ивршен врз команден центар за дронови.
Руското Министерство за надворешни работи ги повика странските државјани, вклучително и дипломатите, „што е можно побргу“ да го напуштат Киев.
Во руските напади врз украинскиот главен град во неделата беа убиени најмалку две, а повредени 91 лице. Оштетени беа речиси 300 објекти, меѓу кои и новоотворениот Музеј посветен на катастрофата во Чернобил.
Претставничката на Мисијата на Европската Унија во Киев изјави дека руските предупредувања имаат цел да создадат паника додавајќи: „ЕУ не оди никаде. Остануваме во Киев. Остануваме со Украина“.
Над 70 странски дипломати го посетија најоштетениот кварт Лукјанивка за да им оддадат почит на жртвите.
мај 26, 2026
