Connect with us

Свет

Заглушен сигналот на авионот со британскиот министер за одбрана во близина на Русија

Сигналот на авион на британските Кралски воздухопловни сили, во кој патувал министерот за одбрана Џон Хили, бил заглушен додека летал во близина на руската граница,објави весникот „Тајмс“.

Хили бил во посета на британските војници во Естонија и се враќал во Обединетото Кралство кога се случил инцидентот, за кој прв објави „Тајмс“.

Се претпоставува дека зад инцидентот, што се случил во четвртокот, стои Русија.

Паметните телефони и лаптопите во авионот не можеле да воспостават интернет-врска, а пилотите биле принудени да користат алтернативни навигациски методи бидејќи ГПС-системот на авионот бил оневозможен во текот на целиот тричасовен лет.

Не е познато дали авионот во кој патувал Хили бил намерна цел, но траекторијата на летот била достапна на интернет-страниците за следење летови, наведува британскиот весник.

На патниците, меѓу кои имало фотографи и новинари, им било кажано дека авионот „Дасо Фалкон 900LX“ (Dassault Falcon 900LX) и понатаму може безбедно да лета.

Инцидентот се случува само неколку дена откако британското Министерство за одбрана соопшти дека два руски ловци „повеќепати и опасно“ ја пресекле траекторијата на извидувачки авион на Кралските воздухопловни сили над Црното Море.

Руски ловец „Су-35“ летал толку блиску до британскиот извидувачки авион „Боинг RC-135 Ривет џоинт“ (Boeing RC-135 Rivet Joint) што ги активирал неговите системи за итни случаи, вклучително и исклучување на автопилотот.

Еден од руските ловци „Су-27“, исто така, прелетал на само шест метри од носот на невооружениот британски авион и извел вкупно шест прелети во негова близина.

Британското Министерство за одбрана оцени дека тоа се најопасните руски дејствија против британски авион „Боинг RC-135“ откако во 2022 година бил испукан проектил над Црното Море.

Во март 2024 година, ГПС-сигналот на авион на Кралските воздухопловни сили, кој го превезувал тогашниот министер за одбрана Грант Шапс, исто така бил заглушен додека летал во близина на руска територија. Тогаш сателитскиот сигнал бил во прекин околу 30 минути додека авионот се враќал во Велика Британија од Полска.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1