Connect with us

Свет

Папата Лав XIV лично ќе ја претстави својата прва енциклика за вештачката интелигенција

Папата Лав XIV денеска лично ќе ја претстави својата прва енциклика, што претставува преседан во папската традиција, бидејќи понтифите вообичаено не учествуваат лично во претставувањето на своите документи, без оглед на нивната важност.

Енцикликата „Magnifica humanitas“ („Величествено човештво“) се занимава со заштитата на човековата личност во ерата на вештачката интелигенција. Документот се објавува денеска, но Лав XIV го потпишал на 15 мај, на 135-годишнината од објавувањето на енцикликата „Rerum novarum“ на папата Лав XIII.

Според извори од Ватикан, документот ја осудува употребата на вештачката интелигенција во војувањето и се занимава со прашањето како оваа технологија ги загрозува правата на работниците.

Енцикликите се една од највисоките форми на учење што папата им ги упатува на членовите на Римокатоличката црква. Од папата Лав XIII до денес се објавени вкупно 220 енциклики, но најголемиот дел од нив се издадени пред изборот на Јован Павле Втори во 1978 година.

Во првата половина на 20 век, година без ниту една енциклика била вистински исклучок. Папата Пиј XI објавил 34 енциклики, а Пиј XII дури 41, поттикнат од заканите од Втората светска војна и повоениот комунизам. Наспроти тоа, Јован Павле Втори и Бенедикт XVI објавувале приближно по една енциклика на секои две години.

Причината за намалувањето на бројот на енциклики лежи и во сè почестото објавување други папски документи – апостолски поттикнувања и апостолски писма.

Лав XIV покажува интерес за прашањето на вештачката интелигенција и достоинството на трудот уште од првата недела од својот понтификат. Во деновите по изборот во мај 2025 година, тој пред Колегиумот на кардинали изјави дека папското име делумно го избрал во чест на Лав XIII, чија енциклика „Rerum novarum“ повеќе од еден век го обликува социјалното учење на Црквата.

„Во нашето време Црквата на сите им ги нуди богатствата на своето социјално учење како одговор на новата индустриска револуција и развојот на вештачката интелигенција, кои носат нови предизвици во одбраната на човековото достоинство, правдата и трудот“, порача Лав XIV.

Во пораката по повод Светскиот ден на социјалните комуникации во јануари, тој предупреди дека системите на вештачка интелигенција „сè повеќе преземаат контрола врз создавањето текстови, музика и видеа“, доведувајќи голем дел од креативната индустрија во опасност.

Во неодамнешниот говор на римскиот универзитет „Сапиенца“ (Sapienza), папата ја осуди употребата на вештачката интелигенција во војувањето, наведувајќи ги конфликтите во Украина, Газа, Либан и Иран како примери за „нехумана еволуција на односот меѓу војната и новите технологии во спирала на уништување“.

Тој ја засили и осудата на американско-израелските воени дејствија против Иран, изјавувајќи дека „Бог не благословува ниту еден конфликт“. Претходно, тој ја нарече „целосно неприфатлива“ заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за уништување на иранската цивилизација и предупреди дека секој напад врз цивилна инфраструктура го крши меѓународното право.

На претставувањето на енцикликата ќе учествува и Кристофер Ола, коосновач на компанијата Антропик, кој влезе во судир со администрацијата на Трамп поради одбивањето да ѝ даде неограничена контрола врз своите системи за вештачка интелигенција за воени цели и за надзор.

Долгогодишниот ватикански дописник Џерард О’Конел, автор на книга за изборот на папата Лав XIV, посебно ја нагласува обемноста на документот.

Според неговите извори, енцикликата е многу опширна, а присуството на коосновачот на „Антропик“ на претставувањето сугерира дека ставот на папата за вештачката интелигенција може да стане нова точка на судир со администрацијата на Трамп.

Италијанскиот новинар и ватикански аналитичар Андреа Гаљардучисмета дека документот означува почеток на ново поглавје во социјалното учење на Црквата.

„Magnifica Humanitas веројатно ќе отвори нова ера. Таа гледа кон новата индустриска револуција што ја носи вештачката интелигенција, кон новите глобални нерамнотежи што произлегуваат од новата распределба на трудот и кон новиот свет на кој Црквата е повикана да одговори“, напиша Гаљардучи.

Пензионираниот ватикански дописник Џон Тавис оцени дека објавувањето на енцикликата веднаш ги поставува приоритетите на новиот папа.

„Првата енциклика на папата обично ги оцртува неговите приоритети, фокусирајќи се на она што тој го гледа како сериозни општествени и морални прашања за современиот свет“, напиша Тавис.

Во првата година од понтификатот, папата го објави и апостолското поттикнување „Dilexi Te“, продолжувајќи ја недовршената работа на покојниот папа Франциск, со кое повика на промени во глобалниот економски систем за намалување на нееднаквоста.

Последната енциклика пред оваа ја објави папата Франциск во октомври 2024 година, повикувајќи ги католиците да се откажат од „лудата трка“ по пари.

Покрај папата, на денешното претставување на енцикликата ќе присуствува и ватиканскиот врв, предводен од државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, и префектот на Дикастериумот за доктрина на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандес.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1