Свет
Значителен пад на цената на нафтата по најавата за можен договор меѓу САД и Иран
Цените на нафтата забележаа значителен пад, додека прометот на азиските берзи е во пораст по најавите за можно постигнување договор со кој би се ставил крај на американско-израелската војна со Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата навечер дека договорот со Техеран е „во поголем дел договорен“ и дека деталите ќе бидат објавени наскоро, но веќе синоќа го повика својот преговарачки тим да не брза со конечниот договор, јавува Би-Би-Си.
Од утрово, глобалната цена на референтната нафта од типот „Брент“ падна за 5,5 отсто на 97,90 долари, додека цената на американската нафта се намали за 5,8 отсто на 90,99 долари за барел.
Трамп претходно потврди дека договорот ќе вклучува и повторно отворање на клучната трговска поморска рута преку Ормуската Теснина, без да наведе дополнителни детали.
Овој тесен морски премин, низ кој вообичаено поминува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас (ЛНГ), е ефективно затворен од почетокот на судирите на 28 февруари.
мај 25, 2026
