Свет
Специјалниот пратеник на Трамп вели дека е време САД „да го вратат својот отпечаток на Гренланд“
Гардијан – Лондон
Американскиот специјален пратеник за Гренланд, Џеф Ландри, изјави дека е време Вашингтон „повторно да го стави својот отпечаток“ на арктичкиот остров додека ја завршува својата прва посета на островот од назначувањето во декември 2025 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано тврди дека САД треба да го контролираат Гренланд – данска автономна територија – поради националната безбедност тврдејќи дека ако не го сторат тоа, островот ризикува да падне во рацете на Кина или Русија.
Гренланд се наоѓа на најкраткиот пат за ракети меѓу Русија и САД. Се верува дека има неискористени ретки земни минерали и дека може да биде витален ресурс како што се топат поларните мразови и се отвораат нови поморски рути.
„Мислам дека е време САД повторно да го стават својот отпечаток на Гренланд“, изјави американскиот пратеник Џеф Ландри за агенцијата „Франс прес“ додавајќи: „Гренланд им треба на САД“. „Мислам дека гледате како претседателот зборува за зголемување на операциите за национална безбедност и повторно населување на одредени бази на Гренланд“, рече тој.
На врвот на Студената војна, САД имаа 17 воени објекти на Гренланд, но ги затворија во текот на годините и моментно имаат само еден – базата Питуфик на северот на островот. САД сакаат да отворат три нови бази на југот на територијата, според неодамнешните медиумски извештаи.
Одбранбениот пакт од 1951 година, обновен во 2004 година, веќе им дозволува на САД да го зголемат распоредувањето војници и воени инсталации на островот сè додека однапред ги информираат Данска и Гренланд.
Трамп се повлече од заканите да го заземе Гренланд во јануари, а беше формирана работна група САД – Данска – Гренланд за да ги разгледа неговите грижи. Дури и ако „желбата на господарот“ да „обезбеди контрола врз Гренланд… е целосно непочитувана… ние сме обврзани да најдеме решение“, изјави гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен за новинарите на маргините на економскиот форум за Гренланд во вторникот.
Американскиот пратеник Ландри, кој е и републикански гувернер на Луизијана, пристигна во главниот град на Гренланд, Нук, во неделата. Тој не беше официјално поканет и неговото присуство предизвика контроверзии на островот.
Гренландските и данските официјални лица постојано изјавуваат дека само Гренланд може да одлучува за својата иднина. Ландри се состана со Нилсен и со гренландскиот министер за надворешни работи, Муте Егеде, во понеделникот. Нилсен рече дека разговорите биле конструктивни, но забележа дека „нема знак… дека нешто се променило“ во позицијата на САД.
Во интервјуто објавено вчера во гренландскиот дневен весник Sermitsiaq, Ландри ги поттикна гренландските соништа за независност. Иако анкетите покажуваат дека мнозинството Гренланѓани се за стекнување независност од Данска еден ден, владата нема такви непосредни планови бидејќи остануваат нерешени многу прашања – пред сè во врска со економијата на островот, која силно зависи од Данска.
„Мислам дека постојат некои неверојатни можности, кои навистина може да ги подигнат Гренланѓаните од зависност кон независност“, рече Ландри во интервјуто. „Мислам дека претседателот на Соединетите Американски Држави би сакал да ја види земјата економски независна. И мислам дека тоа е возможно овде“, додаде тој.
Контроверзноста во врска со посетата на Ландри се зголеми и поради фактот што го придружуваше американски доктор, кој за данската телевизија „ТВ2“ изјави дека е таму „за да ги процени медицинските потреби“ на Гренланд.
Данска и Гренланд во февруари го одбија предлогот на Трамп да испрати брод-болница „за да се грижи за многуте луѓе што се болни и не се згрижени таму“. Гренландската министерка за здравство, Ана Вангејм, го критикува присуството на американскиот доктор. „Гренланѓаните не се заморчиња во геополитички проект“, рече таа.
мај 22, 2026
