Свет
„Једиот Ахронот“: Израел е во состојба на висока готовност поради можно продолжување на конфликтот со Иран
Израелската армија е ставена во состојба на висока готовност поради можен нов напад врз Иран, објави денеска израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“, повикувајќи се на владини извори.
Според весникот, израелската Влада ја чека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, затоа што наведува дека од сè повеќе индикатори се гледа дека тој заклучил дека Техеран не е подготвен да ги прифати неговите услови за прекин на војната.
„Једиот Ахронот“ објави дека САД и Израел интензивно се подготвуваат за евентуално продолжување на непријателствата.
„Њујорк тајмс“ во петокот објави дека Пентагон се подготвува за продолжување на војната бидејќи првичните цели на Вашингтон не се исполнети, особено во врска со нуклеарната програма на Техеран.
Според „Тајмс“, кој се повикува на двајца функционери од Блискиот Исток, САД и Израел интензивно се подготвуваат за евентуално продолжување на нападот врз Иран уште следната недела.
Израелската телевизија N12, повикувајќи се на претставник на израелската Влада, објави дека Трамп би можел да ги собере советниците веднаш по враќањето од Кина за да донесе одлука за продолжување на непријателствата.
N12 наведува дека израелската Влада верува дека одлуката за воена кампања што би траела „од неколку дена до неколку недели“ би можела да се донесе „многу брзо“.
Според „Једиот Ахронот“, се верува дека Трамп не планира целосна војна за соборување на иранската Влада. Наместо тоа, наводно се разгледуваат ограничени напади врз електрани и мостови.
Според извештајот, можни се и копнени операции за заземање на клучни терминали за извоз на нафта на островот Харк во Персискиот Залив или за преземање на проценетите 440 килограми ураниум збогатен до 60 проценти што ги поседува Иран.
мај 18, 2026
