Општини
Со четиридневна програма Гевгелија ќе го одбележи празникот Спасовден
Општина Гевгелија од 17 до 20 мај со повеќе духовни, културни и музички настани ќе го одбележи Вознесението Христово – Спасовден, празникот-заштитник на Гевгелија.
Од Општината информираат дека во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“ е подготвена четиридневна програма под наслов „Спасовден 2026“.
Манифестацијата „Спасовден 2026“ започнува во недела од 18 часот со концерт на духовна музика во манастирот „Св. Спас“, каде пред публиката ќе настапат женскиот византиски хор „Св. Теофил Струмички“, под диригентската палка на Зоран Мазнејков, градскиот мешан хор „Гортинија“ со диригент Илија Атанасов, како и Сара Мејс со вокална и инструментална изведба на келтска харфа.
Во понеделник, во Уметничка галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната изложба „Љубов“ на уметникот Александар Мијак.
Програмата продолжува во вторник со дефиле на културно-уметнички друштва низ градот и вечер на староградски песни „Распеана чаршија“, што ќе се одржи на платото на Народен театар.
Во среда, во пресрет на празникот во просториите на ТППЕ – Гевгелија ќе се одржи настанот „Меѓуопштинска соработка за безбедни заедници“, во рамки на одбележувањето на 20 мај – Денот на пожарникарите, а вечерта на градскиот плоштад е предвидена музичка програма.
мај 16, 2026
