Свет
Пропадна проектот за „Трамп тауер“ во Австралија вреден 1,5 милијарди долари
Пропадна планот за изградба на луксузна кула „Трамп тауер“ (Trump Tower) вредна 1,5 милијарди долари на австралискиот Голд Коуст, откако беше раскината соработката меѓу „Трамп организејшн“ (The Trump Organization) и локалниот инвеститор „Алтус проперти груп“ (Altus Property Group).
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за неисполнување на обврските, додека инвеститорот тврди дека брендот „Трамп“ станал „токсичен за Австралијците“.
Австралијскиот инвеститор Дејвид Јанг и Ерик Трамп, син на американскиот претседател Доналд Трамп, во февруари во Мар-а-Лаго го претставија договорот за изградба на „Трамп тауер“ на Голд Коуст, објави „Гардијан“.
Сепак, планот пропадна за помалку од три месеци, а инвеститорот сега тврди дека брендот станал премногу „токсичен“ за соработка, додека „Трамп организејшн“ возврати дека нивниот локален партнер давал само „празни ветувања, едно по друго“.
Откако во февруари објави фотографија од ракување со Ерик Трамп, Јанг го пофали брендот како симбол на луксуз и квалитет, тврдејќи дека ќе му помогне да ја изгради највисоката кула и „најдобриот“ ресорт во Австралија. Извршниот потпретседател на „Трамп организејшн“ објави и фотографија од планираниот облакодер со презимето на неговото семејство, кој требало да се издига над крајбрежјето.
Но, меѓусебните пофалби брзо се претворија во обвинувања. Јанг, кој претходно двапати банкротирал, на „Линкдин“ напиша дека американската војна против Иран го направила брендот „Трамп“ „токсичен за Австралијците“, што го оцени како „крајно неправедно“ кон брендот кој, според него, „нема никаква врска со претседателот“, пишува Гардијан.
„Нема никаква нетрпеливост меѓу семејството Трамп и мене. Ова е чисто деловна одлука. Мојот тим и јас со нетрпение очекуваме да го завршиме проектот, а како што вели старата изрека, ’никогаш не дозволувај вистината да расипе добра приказна‘“, напиша Јанг.
Во соопштението на „Трамп организејшн“ се наведува дека компанијата била „многу возбудена“ од можноста да донесе проект од светска класа на Голд Коуст, но дека нивниот партнер „Алтус“ не успеал да го исполни својот дел од договорот.
„По месеци преговори и празни ветувања за наводниот проект вреден 1,5 милијарди долари, ’Алтус проперти груп‘ не беше способен да ја исполни ниту најосновната финансиска обврска што доспеа со потпишувањето на договорот“, се наведува во соопштението.
Од компанијата додаваат дека обидот на Јанг да ги обвини светските настани за раскинот на договорот е само трик за да се одвлече вниманието од сопствените пропусти. Јанг ги негираше тврдењата дека прекинот на соработката е последица на негово неисполнување на обврските, наведувајќи дека неговиот тим, со војната со Иран и сè останато, сфатил дека е „време патиштата да се разделат“.
мај 14, 2026
