Свет
Новата унгарска министерка за надворешни работи ги осуди руските напади врз западна Украина
Новата шефица на унгарската дипломатија, Анита Орбан, денеска ги осуди руските напади со беспилотни летала врз регионите во западна Украина каде што живее етничко унгарско население.
Таа во видеообраќање на Фејсбук наведе дека овие напади ќе бидат на дневен ред на инаугуративната седница на владата на премиерот Петер Маѓар, која се одржува подоцна во текот на денот.
Во нападите на руски дронови врз западна Украина денеска загинале најмалку четири лица, а уште најмалку толку се ранети, пренесоа украинските медиуми.
Неколку руски беспилотни летала погодиле станбена зграда во Ровенската област и уште неколку објекти, објави украинската агенција „Униан“.
мај 14, 2026
