Свет
Во Аргентина протести против кратењето на буџетите на државните универзитети
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Буенос Аирес и други градови на Аргентина на протести против најавените кратења на буџетот за државните универзитети.
Студенти, професори, синдикални претставници и опозициски политичари демонстрираа против мерките за штедење на ултралибералниот претседател Хавиер Милеј, кој ја презеде функцијата во 2023 година.
Во главниот град демонстрантите се собраа на плоштадот Пласа де Мајо пред претседателската палата носејќи транспаренти со пораки „Без образование – нема иднина“.
Организаторите соопштија дека речиси 600 илјади луѓе протестирале во Буенос Аирес, а вкупно 1,5 милион во целата земја. Некои од медиумите, пак, објавија значително помали процени за бројноста.
Протестите беа насочени кон барањето да се спроведе законот усвоен од парламентот за финансирање на државните универзитети на кои школувањето е бесплатно.
Владата поднесе правен приговор против законот тврдејќи дека не е прецизирано од каде ќе се обезбедат средствата и, наместо тоа, повикува на поголема транспарентност и ефикасност во трошењето.
Случајот сега е пред Врховниот суд на Аргентина.
мај 13, 2026
