Свет
Поранешниот шеф на кабинетот на Зеленски пред суд: Ермак очекува „независна“ одлука за обвиненијата за перење пари
Поранешниот шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Ермак, кој е осомничен во рамки на голема истрага за корупција, денеска пред судското сослушување изјави дека очекува „праведна, непристрасна и независна“ одлука.
На новинарско прашање што смета за праведна одлука, Ермак кратко одговори: „Ќе видиме“.
Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО) за Ермак бара мерка притвор или кауција од 180 милиони гривни (околу четири милиони евра). Тој е осомничен за перење на 460 милиони гривни (10 милиони евра) преку изградба на луксузен комплекс вили во Козин, во близина на Киев, во периодот меѓу 2021 и 2025 година.
Во рамки на истрагата на Националното антикорупциско биро (НАБУ), осомничени се уште шест лица, меѓу кои поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов и бизнисменот Тимур Миндич. За Миндич веќе е поднесено барање за меѓународна потерница преку Интерпол, бидејќи ја напуштил земјата пред официјалното обвинение. На Чернишов му е одредена кауција од 2,5 милиони евра, која веќе е исплатена во целост.
Денешното рочиште за одредување превентивна мерка за Ермак беше одложено за утре, откако неговиот адвокат Игор Фомин побара дополнително време за запознавање со предметот. Одбраната тврди дека не успеала да ги прегледа сите 16 тома со докази, кои содржат во просек по 250 страници по том. Истражниот судија Виктор Нохачевски го прифати барањето за дополнително време.
мај 13, 2026
