Вести
Д-р Агуши: Поддржувајќи го процесот на трансплантација, пренесуваме порака до сите дека ова е највисок морален чин
Во рамките на националната кампања, што се реализира со мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, доктор Азби Агуши, анестезиолог од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и болнички координатор за трансплантација, апелира за важноста на донирањето органи.
– Говорејќи за трансплантацијата на органи, мојата порака е да се поддржи овој процес не поради фактот што има потреба здравствениот систем, туку пораката е да ја поддржиме трансплантацијата бидејќи на тој начин се поддржуваме самите себе, на тој начин им помагаме на луѓето од сите категории, особено на луѓето што имаат животна потреба од органи, кои во многу случаи, во многу ситуации, немаат можност да имаат нормално функционирање во текот на нивниот секојдневен живот. Мојата порака е дека со подигнување на свесноста да поддржиме процес кој има повеќегодишна историја, особено во нашата земја во последните години, има голем одек и на тој начин ние го имаме одржано целиот овој процес – посочува д-р Агуши во видеообраќањето.
Тој потенцира дека трансплантацијата не е само медицински чин, туку во исто време е и повисок благороден чин. Со поддршка на овој процес се овозможува живот на лицата што немаат друг излез.
– Апелираме за поддршка од сите општествени сфери, бараме повисока свест, бидејќи како држава, како здравствен систем, имаме направено многу овој процес успешно да се реализира. Значи, да си помогнеме со поддржување на овој процес, со кој им помагаме на луѓето што имаат потреба за подолг живот – потенцира д-р Агуши
мај 12, 2026
