Connect with us

Свет

Калас: Шефовите на дипломатиите на ЕУ дадоа поддршка за Западен Балкан, за возврат очекуваат реформи

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ дале политичка поддршка за продлабочување на соработката со партнерите од Западен Балкан во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, но и додаде дека за возврат очекуваат понатамошни реформи, почитување на владеењето на правото и јасно усогласување со надворешната политика на ЕУ.

На прес-конференција по денешниот министерски состанок во Брисел, Калас рече дека Западен Балкан е стратешки приоритет за ЕУ и оти поддршката на ЕУ се однесува на борбата против хибридните закани и дезинформациите, новото Партнерство за безбедност и одбрана со Црна Гора и поголемо користење на Европскиот мировен фонд со цел зајакнување на одбранбените капацитети на партнерите.

– Но јасно е дека партнерствата функционираат во двете насоки. За возврат, очекуваме понатамошни реформи, почитување на владеењето на правото и јасно усогласување со надворешната политика на ЕУ. Западен Балкан припаѓа на Европската унија. А чекорите кои денес ги зацртавме се насочени кон таа цел – рече Калас.

Таа додаде дека министрите разговарале и за најавената оставка на високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, и дека се „согласуваат оти е во интерес на ЕУ земјата да не скршне од својот европски пат и оти мора да останат единствени во изнаоѓањето на негов наследник“.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1