Свет
Фронтекс го зголеми присуството на границите на Украина поради страв од шверц на оружје во ЕУ
Заменик-извршниот директор на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), Ларс Гердес, денеска изјави дека агенцијата го зголемила своето присуство по западните граници на Украина и внимателно ја следи ситуацијата, стравувајќи дека може да постои висок ризик од шверц на оружје од Украина во Европската Унија, во случај да се постигне договор за прекин на војната во Украина.
– Сосема е можно ситуацијата како во поранешна Југославија да се повтори, кога нелегалното оружје го преплави остатокот од Европа откако завршија борбите таму – изјави Гердес за германскиот весник Велт.
Според него, тоа може да стане безбедносен проблем за Европа.
– Се подготвуваме за ова уште од почетокот на војната. Мислам дека ризикот е особено висок по прекин на огнот или мировен договор. Во тој момент, во земјата ќе има големи количини оружје, муниција и експлозиви и многу луѓе на кои им требаат пари – рече тој.
мај 12, 2026
