Connect with us

Свет

Стуб: Време е за почеток на дијалог со Русија, но во координација со европските сојузници

Време е да се почне дијалог со Русија – изјави претседателот на Финска Александар Стуб во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“, но додаде дека не знае кога точно би се случило тоа.

Стуб рече дека со европските лидери веќе се разговарало за тоа кој би го воспоставил контактот со Русија.

– Сè уште не знаеме кој ќе биде тоа – изјави финскиот претседател, нагласувајќи дека најважно е сè да биде координирано меѓу европските лидери, особено меѓу групата Е-5 – Германија, Франција, Италија, Велика Британија и Полска – заедно со нордиските и со балтичките земји кои граничат со Русија. Тој додаде дека потоа ќе стане јасно дали Европската Унија ќе има специјален претставник или група лидери кои ќе разговараат со рускиот претседател Владимир Путин.

Според Стуб, постојат три можни сценарија за Украина: примирје проследено со мировен договор, колапс на една од страните во војната – „веројатно Русија“, како што рече – или директно ангажирање на Европа доколку американската политика кон Русија и кон Украина не биде во согласност со европските интереси.

– Мислам дека мировното решение не е на преговарачката маса, барем не оваа година – додаде Стуб, истакнувајќи дека во тој контекст гледа потреба Европа директно да разговара со Русија.

Говорејќи за можноста за целосно повлекување на американските сили од Европа, Стуб оцени дека тензиите треба да се намалат.

– Американските војници не се во Европа за да нè заштитуваат нас, туку за да ѝ овозможат на Америка да биде глобална сила – рече финскиот претседател. Тој смета дека САД нема да се повлечат од континентот бидејќи им се потребни стабилни бази за проектирање на моќта кон Блискиот Исток, Азија и Африка. Стуб истакна дека не е особено загрижен поради евентуалното повлекување на 5.000 од вкупно 37.000 американски војници стационирани во Германија.

Во врска со европското нуклеарно одвраќање, Стуб изјави дека францускиот предлог во таа насока е добредојден и дека заслужува разгледување. Сепак, тој изрази задоволство што САД го модернизираат својот нуклеарен арсенал, предупредувајќи дека светот првпат по половина век се наоѓа во ситуација во која нема договор за ограничување на нуклеарното оружје.

Осврнувајќи се на Финска, тој рече дека финскиот модел на одбрана, кој вклучува задолжителен воен рок и високи издвојувања за одбраната, не може автоматски да се копира на друго место.

„Современата војна се води со различни инструменти – трговија, царини, кибернапади, саботажи на енергетски постројки – и сите мора да се подготват за тоа“, изјави Стуб.

Говорејќи за односите со американскиот претседател Доналд Трамп, Стуб рече дека нивниот контакт започнал преку голф, но нагласи дека е погрешно да се мисли оти има влијание врз Трамп. Во делот за Иран, Стуб оцени дека европската реакција произлегува од тоа што Трамп не се консултирал со сојузниците пред нападот.

– Сега мора да работиме на намалување на тензиите – рече тој, додавајќи дека секоја иницијатива што може да доведе до повторно отворање на Ормуската Теснина мора да ја вклучи и Европа.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3