Connect with us

Вести

Регионалната министерска конференција за демографска отпорност: Суштински момент за демографските промени

Ова е суштински момент како ќе се снајдеме со демографските промени, а улогите на владите се најзначајни. Потребно е креирање политики за опфаќање сечиј потенцијал – истакна Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата.

УНФПА, како што истакна таа, развива регионална алатка за отпорност на демографските промени, и тоа во разни подрачја, како родовобазирани политики, во делот на сексуално-репродуктивните права и друго. Бауер укажа на потребата од демографска писменост, која ќе им помогне на владите за справување со овој проблем. Позитивно ја оцени изработката на национални стратегии, од кои ќе произлезат визијата и политиките за справување со демографските предизвици, но исто така нагласи дека тие како организација, освен со владите, соработуваат и со приватниот сектор. Мажите и жените, рече таа, треба да може да балансираат меѓу обврските и приватниот живот за да може да основаат семејство и да се раѓаат деца.  

Стапките на наталитет и демографските трендови се приближно слични во Европската Унија, а исти трендови се бележат и во земјите од Западен Балкан, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас. Во Северна Македонија стапката на раѓања останува ниска, а продолжува и миграцијата на младите луѓе. Човечкиот капитал останува нашиот најважен ресурс, рече Рокас, кој посочи на мерките и поддршката што ЕК ја да дава за справување со демографските предизвици. 

Со видеопорака на конференцијата се обрати Дубравка Шуица и истакна дека оваа конференција доаѓа во круцијален момент. Западните земји се соочуваат со недостиг на работна сила, а Централна Азија и Источна Европа преку мигарција ги покриваат своите потреби.

– Северна Македонија е една од нив, од каде што 50.000 доминантно млади луѓе заминале во последната деценија. Ова не е само статистика, ова се приказни на вистински луѓе што ги оставиле своите семејства и пријатели – рече Шуица додавајќи дека сега е времето да се справиме со овие проблеми.

Европската комисија веќе има изготвено алатки за справување со демографските проблеми, кои нудат решенија во зависност од контекстот. Шуица рече дека ЕК продолжува да работи на сите прашања поврзани со демографските процеси. 

Рејчел Сноу, експерт за глобално население и јавно здравје, во својот говор истакна дека паѓа стапката на раѓања (фертилитетот) и светот е изненаден.

– Имаме територии во кои наталитетот оди надолу не само во Европа туку и во други земји. Погодени се и Кина, Русија… Албанија, БиХ и Молдавија ќе се соочат со намалување на населението за 30 отсто. Луѓето избираат да имаат помалку деца. Како да се бори светот со намалувањето на наталитетот? Дали од нас зависат морталитетот, фертилитетот и миграциите? Владите имаат голема моќ да влијаат да се промени ова – рече Сноу.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија, испрати три пораки поврзани со демографската отпорност нагласувајќи дека во народот е силата и фокусот треба да биде во народот. 

Според неа, треба да се инвестира во децата и младите пред некој друг да инвестира во нив. Потребно е да се обезбеди добро образование и работа, како и да им се даде можност да имаат свој глас во одлучувањето. Само тогаш, смета Колумбија, ќе останат и ќе придонесат за земјата. Потребни се политичка волја и вклученост на приватниот сектор, а вели дека кај нас ги има. Втората порака е дека треба да се отклучи силата на сите луѓе, односно да се инвестира во жените, да вклучат лицата со попреченост, повозрасните… Третата нејзина порака во говорот на конференцијата беше демографијата да биде одговорност на сите сектори од образование, локален развој, вработување, социјална заштита…

– Имаме мерки и алатки и политичка волја и сега треба да почнеме да работиме – рече Колумбија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2