Connect with us

Вести

Средба Гаши – Берсет: Остануваме доверлив и конструктивен партнер на Советот на Европа

Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсет. На средбата беа разгледувани прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на подобрувањето на демократските процеси, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Овие теми се основни вредности на соработката со Советот на Европа.

Гаши, информираат од собраниската прес-служба, ја потврди посветеноста на Собранието кон демократските стандарди и институционалната стабилност. Тој нагласи дека овие принципи се важни при креирањето на јавните политики на државата. Рече дека Република Северна Македонија останува доверлив и конструктивен партнер. Активно придонесува за зајакнување на демократската култура во регионот на Западен Балкан и е пример за мултиетничка демократија и инклузивно општество.

На средбата, Гаши ја изрази својата поддршка за иницијативата „Нов демократски пакт за Европа”, како навремен и стратешки одговор на предизвиците со кои се соочуваат современите европски демократии. Тој посочи дека овој Пакт е значајна рамка за спречување на демократското назадување и обезбедување подобра заштита од дезинформации, манипулации и надворешни влијанија во општествата. Особено ја истакна важноста на парламентите во имплементацијата на принципите на Пактот. Собранието, како гарант на демократскиот легитимитет, ќе биде активен учесник во овој процес.

Претседателот на Собранието исто така го потенцираше значењето на Советот на Европа како важен столб на европската демократија. Во тој контекст, тој ја потврди потребата од координиран и заеднички европски одговор на проблемите со поларизацијата, намалувањето на довербата во институциите и дезинформациите во дигиталниот простор.

На средбата беше потврдено дека европската интеграција останува наш врвен стратешки приоритет. Тоа не е само политичка цел, туку и општествена трансформација која подразбира јакнење на владеењето на правото, независноста на институциите и борба против корупцијата. Гаши ја нагласи важноста на добрососедските односи и регионалниот дијалог, базиран на меѓусебно почитување и европски вредности, истакнувајќи дека силните и отпорни демократии се најдобра гаранција за мир и просперитет.

Средбата заврши со потврдување на подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Европа за заеднички да придонесат кон посилна, постабилна и подемократска Европа.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2