Општини
Кафе со амбасадори во Велес: Дигитализација, сајбер безбедност и „ФИМИ“
Вчера во Јуроп хаус Велес се одржа ново издание на „Кафе со амбасадори“, посветено на темата „Дигитализација, сајбер-безбедност и ФИМИ (странско мешање и манипулирање со информации)“, со учество на амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери.
Во разговорот учествуваа претставници од локалните институции, медиумите, граѓанското општество и бизнис-заедницата, како и млади и професори. Во фокусот беа влијанието на дигиталните платформи врз јавниот простор и демократијата, независноста на медиумите, заштитата на правата на граѓаните на интернет и предизвиците поврзани со дезинформациите и сајбер-безбедноста.
Дискусијата се осврна на прашањето кој ги поставува правилата и влијание на содржините што ги гледаме, споделуваме и читаме на платформите, како и на напорите на Европа да ги заштити граѓанските права и демократските вредности во дигиталната средина. Беа отворени и прашањата за европските правила за дигиталните платформи , за односот меѓу заштитата на демократијата и слободата на говорот, но и за тоа како да се зајакне новинарскиот интегритет и локално и глобално.
Сајбер-нападите беа разгледани како безбедносен предизвик, а не само како технички проблем. Посебно внимание беше посветено на странското мешање и дезинформациите во Европа и Западен Балкан. Се разговараше за тоа како постојните поделби и нерешените спорови може да бидат искористени за ширење пораки што ја поткопуваат довербата и придонесуваат за нестабилност. Учесниците разговараа и за тоа што можат да направат земјите кандидати уште пред членството во ЕУ за да ја заштитат демократијата и информацискиот простор, како и за поддршката што земјите членки можат да ја понудат.
На крајот, учесниците беа поканети да размислат за тоа што можат да направат локалните институции, медиумите, училиштата, граѓанското општество и бизнис-заедницата за нивните заедници да бидат поотпорни на манипулации.
Europe House Skopje
октомври 22, 2026

