Connect with us

Свет

Италија подготвува мерки за помош на превозниците и земјоделците, протестите со блокади предизвикуваат проблеми во снабдувањето

Италијанската влада денеска треба да одобри уредба со мерки за поддршка на патните превозници и дополнителни средства за земјоделството, додека протестите поради цените на горивата и блокадите на патиштата предизвикуваат нарушувања во снабдувањето и сообраќајот во неколку области во јужна Италија.

Извори од кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони наведоа дека Владата работи на обезбедување средства за поддршка на патниот транспорт. Мерките вклучуваат надоместување на трошоците за дизел, суспендирање на надоместоците за лизинг и дигитализација на товарните листови, со посебен акцент на малите превозници.

Владата, исто така, инсистира на нормализирање на сообраќајот и почитување на законот, нагласувајќи дека треба да се прави разлика меѓу легитимните барања на демонстрантите и незаконско однесување.

Блокадите на патиштата што ги спроведуваат камионџиите во знак на протест поради цените на горивата ќе траат најмалку до 27 октомври, пренесуваат италијанските медиуми.

Компанијата „Енте Аутономо Волтурно“ (ЕАВ) синоќа најави намален обем на сообраќај, што стапува во сила денеска и ќе трае најмалку до 24 октомври. Поради недостигот од гориво, можно е дури и целосно запирање на метрото и возовите.

Загрозен е и поморскиот сообраќај кон островите Искија и Прочида.

Авиокомпанијата „Ер Кампанија“ најави намалување на бројот летови, а загриженоста во јавноста расте поради сè поголемиот број бензински пумпи на кои снемува гориво. Пред нив се создаваат долги редици, особено во Неапол.

Во меѓувреме, сè повеќе супермаркети имаат празни рафтови поради недостиг од свежи прехранбени производи.

Загриженост има и во врска со снабдувањето на аптеките.

– Засега немаме добиено никакви извештаи за недостиг од лекови поради протестите на камионџиите. Нема причина за тревога, нема нарушувања во работењето, а ситуацијата е под контрола, изјавија извори од организацијата „Федерфарма“.

Ad
Ad