Connect with us

Свет

„Република“: Зад протестите во Италија стојат организирани структури

Демонстрациите во Италија што доведоа до неред и го уништија центарот на Милано беа внимателно испланирани, а зад очигледната спонтаност стојат организирани структури, пишува весникот „Република“.

Според информациите од разузнавачките служби, оние што го запалиле фитилот знаеле точно што прават, а најавите за движењето „Италија на плоштад“ ги споделиле членови на вонпарламентарни радикални движења и активисти од екстремните краеви на политичкиот спектар.

Се чинеше како повиците да се создадени без никаков креатор. Пораките се појавија на социјалните мрежи без потпис, без никаква организација или лидер, оценува италијанскиот весник.

На 4 октомври се појави страницата на Инстаграм @italiainpiazza17, од која граѓаните беа поканети да протестираат на 17 октомври, со опис дека станува збор за „мирен собир“.

Пораката првенствено беше упатена до деца родени по 2000 година.

Содржините во првите часови ги споделуваа поранешниот кандидат на листата „Милано Либера“ Ерик Хара, и интернет страниците како „Италијански револуционерен фронт“ и „Ренесанса“.

Главните актери се првенствено многу млади луѓе. Во Милано, 17-годишен малолетник придружуван од неговата мајка го потпиша претходното известување за протест до полициската управа. Во Рим, организацијата ја водат студентките Аура Асара и Лудовика Калвит, пишува италијанскиот весник.

На протестот во Рим на 17 октомври се појави и лидерот на антиваксерското движење, Никола Францони, кој веќе беше уапсен како дел од истрагата за нападот врз седиштето на синдикатот CGIL во 2021 година.

По немирите во Милано, покрај движењето „Италија на плоштад“, се појавува и „Движењето 17 октомври“, кое најавува трајна мобилизација секоја сабота, сè додека „не падне отпадничката влада“. Првиот состанок е закажан за 24 октомври во 15 часот во осум градови.

„Република“ наведува дека администраторите на групите кои се кријат зад лажни имиња споделуваат водич со совети за полициска идентификација, апсења и избегнување солзавец.

Повеќе од 200 лица, меѓу кои 80 проценти малолетници, беа уапсени во неделата за време на вториот ден од немирите во Милано, објавија италијанските медиуми.

Ad
Ad