Сцена
„Занаду“ со нова музичка „Разгледница“
Групата „Занаду“ доаѓаат од Скопје, зад себе имаат два студиски албума, а оваа година го потпишаа првиот дискографски договор со хрватската независна издавачка куќа „Интерстелар (interstellaR)“. На хрватската публика веќе ѝ се познати бидејќи две лета по ред настапуваат во Загреб и Риека, а оваа есен од Македонија испраќаат важна музичка разгледница.
– „Разгледница“ е песна што треба да нè потсети да не бидеме неми набљудувачи на животот, туку да преземеме одговорност за работите околу нас, дури и кога се далеку надвор од нашата зона на комфор. Да нема пропуштени возови, потрошена младост и премолчени грубости – да си бидеме идоли едни на други, да бидеме движење и да имаме цел. Песната е инспирирана од секојдневието, со цел да го направи несекојдневно. Разгледница која, ако се прочита доцна во ноќта, ќе го промени утрото – објаснува авторот на текстот, Карло Јованоски.
„Разгледница“, како и претходната тема „Ураган“, многу лесно влегува во уво поради својот заразен ритам и мелодиски убавиот рефрен, а со својата топлина и романтика потсетува на легендарните Идоли, што и не е чудно со оглед на тоа дека „Идоли“ им биле репер при снимањето на видеоспотот, токму онака како што било популарно во времето на новиот бран во раните 80-ти. Големото студио со бело платно го исполниле топлината и љубовта што ги шират младите, талентирани и романтични „гикови“ со роза во раката. Првиот дискографски договор им даде ветер во грб, а „Разгледница“, како и „Ураган“, храбро ќе прелета низ целиот Балкан, се вели во соопштението.
Спотот го монтираше Марија Грчева, а Димитар Атанасоски ги потпишува камерата, колор-корекцијата и постпродукцијата.
Песната „Разгледница“ е објавена на сите стрим-сервиси. Новата генерација на македонската урбана музичка сцена веќе со години го има „Занаду“ како еден од најважните адути – младите момци кои се собрале уште во тинејџерските години, многу брзо созреале како музичари, а уште поважно, и како автори.
октомври 17, 2026


