Connect with us

Свет

Двајцата Бугари, задржани од германската полиција за обид за палење на фирма во Минхен, остануваат во притвор

Двајцата бугарски државјани, задржани за обид за палење на градилиште во близина на фирма за одбранбени технологии во Минхен, денеска беа оставени во притвор, пренесе ДПА.

Двајцата осомничени – 28-годишна жена и 38-годишен маж – се обвинети за намерно оштетување на имот и обид за палење во врска со нападот извршен вчера.

Истражителите и министерот за внатрешни работи на Баварија Јоахим Херман сметаат дека зад нападот стојат политички мотиви. Градилиштето се наоѓа во близина на седиштето на фирмата за одбранбени технологии „Роде и Шварц“ и производителот на дронови „Хелзинг“. Втората фирма е снабдувач за украинските вооружени сили во војната со Русија.

Неколку запаливи уреди беа фрлени вчера од автомобил врз градилиштето, кое се наоѓа и во близина на источната железничка станица во Минхен. Најмалку еден од уредите предизвика пожар кој полицајците го изгасија.

Полицијата соопшти дека се нанесени мали штети и нема повредени лица.

Друго запаливо средство требаше да биде демонтирано од специјалисти.

Во рамките на истрагата беа претресени три станови во минхенска населба и беа одземени бројни материјални докази. Во моментот тие се испитуваат. Засега нема други осомничени за случајот, изјави портпарол на полицијата.