Connect with us

Свет

Москва го обвинува Западот за поткопување на меѓународниот правен поредок

Одделни земји од колективниот Запад работат на поткопување на меѓународниот правен систем и дестабилизација на воено-политичката ситуација во близина на границите на Заедницата на независни држави (ЗНД), соопшти денеска Прес-службата на Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР).

Како што се наведува, ваквата оценка е изнесена по 22. заседание на состанокот на раководителите на органите за безбедност и разузнавачките служби на државите од ЗНД.

„Делувањето на одделни земји од колективниот Запад насочено кон зачувување на глобалната доминација води кон поткопување на меѓународниот правен систем и значителна дестабилизација на воено-политичката ситуација на границите на ЗНД“, се посочува во соопштението на СВР.

Од руската разузнавачка служба наведоа дека учесниците на состанокот разговарале за прашањата за безбедноста во услови на влошување на меѓународната ситуација и сè поголемиот број предизвици со кои се соочуваат државите членки на ЗНД.

Претставниците на специјалните служби на земјите од Заедницата, според СВР, се договориле да ја прошират соработката и да ги координираат дејствијата како одговор на „деструктивните намери“ на непријателските држави, потврдувајќи го курсот кон понатамошно зајакнување на соработката меѓу разузнавачките и специјалните служби на ЗНД.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави ден претходно дека конечен договор за завршување на конфликтот можат да постигнат пред сè Русија и Украина, додека другите земји можат да помогнат во тој процес, додавајќи дека и понатаму постојат шанси за решавање на украинскиот конфликт.