Свет
Американскиот министер за финансии: Цените на горивата се високи поради украинските напади врз руската енергетска инфраструктура
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека украинските напади врз руската нафтена инфраструктура предизвикуваат глобален енергетски шок и придонесуваат за растот на цените на енергентите во светот наведувајќи го конфликтот во Иран како дополнителна причина за поскапувањето.
Цените на нафтата вчера достигнаа највисоко ниво во последните шест недели откако најновите американски напади врз Иран и обновените израелски закани кон Техеран ја зголемија загриженоста од нарушување на снабдувањето од Блискиот Исток.
Сепак, Бесент во интервју за „Фокс њуз“ ги постави украинските напади врз руските рафинерии како примарен фактор за поскапувањето, а конфликтот во Иран го опиша како секундарна причина. – Во моментот минуваме низ енергетски шок поради војната во Украина – бидејќи Украина одлучи дека сака да ги уништува руската енергетска инфраструктура и производите од рафинирана нафта, што создава притисок врз цените на глобално ниво. Конфликтот во Иран ќе заврши и цените ќе паднат – изјави тој.
Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп пред само два месеци ги охрабри украинските напади врз цели на руска територија. За време на самитот на НАТО во Анкара во јули, Трамп изрази отворена поддршка за стратегијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за вршење притисок врз Русија за мировни преговори оценувајќи дека оваа ескалација може да помогне да се стави крај на војната. Покрај тоа, Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) откри дека Трамп во телефонски разговор му рекол оти Украина „многу добро напредува“ со кампањата со беспилотни летала со долг дострел против руската нафтена индустрија, која во тој период предизвика и краткотраен недостиг на гориво во Русија.
септември 5, 2026
