Вести
Јанев: Сузбиената група во Скопје проневерила над два милиони евра, во дополнителни претреси одземени уште две луксузни возила и пари
Во текот на вчерашниот ден се уапсени три лица, а предмет на кривичната пријава се шест физички и три правни лица и останува понатаму Обвинителството да одлучи дали ќе ја проширува или ќе остане во рамките на поднесената кривична пријава – информира директорот на БЈБ, Александар Јанев, во одговор на новинарско прашање за вчерашната акција за откривање финансиски криминал во Скопје, каде што криминална група се сомничи за проневера на над два милиони евра.
Додаде дека е интересно што македонските граѓани си ги платиле обврските за регистрација на возило, но операторот не ги исплаќал кон државата.
– Секако, нема да застанеме тука и сакам да информирам дека при дополнителни претреси се пронајдени 30 илјади евра и плус две луксузни возила со понова година на производство, кои исто така се одземени – посочи Јанев.
Најави дека истрагата ќе се прошири кон одредени други правни субјекти за кои има сознанија и аргументи дека се занимваат со таков начин на стекнување финансиски средства.
Јанев потенцира дека само за два дена успеале да обезбедат доволно факти и аргументи и докази за поголема сума на евра, која требало да заврши во буџетот.
Тој на новинарски прашања за работата на тимот на сузбивање на нелегалната трговија со дрога рече дека има првични резултати, но сè уште се далеку од поставената цел и е потребно многу работа и анализа. Тој особено ги пофали секторите за внатрешни работи на Струмица и Скопје, кои имаат најголем придонес во борбата со нелегалната трговија на дрога.
септември 4, 2026
