Connect with us

Регион

За една седмица во Грција починале пет лица од вирусот Западен Нил, а биле регистрирани 58 нови случаи

Во изминатата седмица, во Грција биле потврдени 58 нови случаи на вирусот Западен Нил и починале пет лица, додека пак вкупниот број на дијагностицирани и пријавени случаи од почетокот на оваа вирусна сезона се зголеми на 290 со регистрирани 24 смртни случаи, покажуваат податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕОДИ соопштија дека од вкупниот број заразени, 199 лица се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), а кај 91 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Од заразените, 63 лица се хоспитализирани, 182 пациенти биле пуштен од болница, а за 21 од случаите не била потребна хоспитализација.

Во однос на починатите 24 лица, сите биле на возраст над 65 години, со просечна возраст од 83 години.

Доколку се анализираат официјалните податоци, повеќе од половина од случаите (вкупно 163) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите се во регионот Тесалија, во северна и центарлна Грција, на Пелопонез и на Крит, додека пак 14 случаи се во фаза на епидемиолошко истражување.

Според ЕОДИ, во текот на 2026 година, заклучно со вчера, случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил во Грција се регистрирани во 69 општина во земјата и во 20 регионални единици.

Дополнително, информираа дека од системот за надзор на инфекцијата со вирусот Западен Нил кај копитарите што го спроведува Министерството за земјоделство и храна оваа сезона се регистрирани 14 случаи кај коњите во вкупно девет општини во Атика, Драма, Превеза и Солун.

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, онаму каде што или за првпат беа регистрирани случаи на вирусот или има зголемен број, во изминатите денови беше спроведено вонредно прскање против комарци.

Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.