Connect with us

Свет

Потона еден од двата товарни брода што се судрија кај Истанбул, 10 члена на екипажот се водат за исчезнати

Потона еден од двата товарни брода, што денеска рано утрово се судрија во Мраморното Море, во близина на Истанбул, а сите 10 члена на екипажот се водат за исчезнати, изјави турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу, пренесе ДПА.

„Веруваме, и повеќе или помалку го потврдивме тоа, дека бродот „Тугберк Имамоглу“ потона“, изјави министерот Уралоглу пред новинарите во Истанбул.

Сите 10 члена на екипажот на бродот се турски државјани, рече Уралоглу. Претходните обиди да стапат во контакт преку мобилен телефон беа неуспешни.

„Досега никој не е пронајден жив“, додаде тој.

Бродовите „Алсу“ и „Тугберк Имамоглу“ се судрија околу 3 часот утрово, приближно 18 наутички милји од округот Силиври, во Истанбул, соопшти канцеларијата на гувернерот на „Икс“.

Причината за судирот засега останува непозната.

Уралоглу рече дека остатоците и другите траги укажуваат дека „Тугберк Имамоглу“ потонал во води длабоки речиси 900 метри.

Пребарувањето и спасувањето продолжиле од воздух и од море, рече тој.

„Алсу“ пловел од Коџаели, во северозападна Турција, до западното пристаниште Алијага. „Тугберк Имамоглу“ испловил од Искендерун, во јужна Турција, и пловел кон Црното Море.

Мраморното Море е дел од еден од најпрометните поморски коридори во светот, што ги поврзува Средоземното и Црното Море преку Босфорската и Дарданелската Теснина.