Општини
Во општина Струга запишани 470 првачиња, затворени четири училишта поради мал број ученици
За 470 првачиња во единаесетте основни училишта во општина Струга денеска почна образовниот процес, информира раководителот на секторот за образование при Општина Струга, Џеми Хајредини.
Поради мал број ученици, во четири подрачни училишта, според него, од оваа учебна година ќе биде прекинат образовниот процес, а учениците се префрлени во најблиските централни училишта.
– Со одлука на Советот на Општина Струга престанаа со работа училиштата во селата Богојци, Поум, Џепин и Нерези. Во подрачното основно училиште во селото Нерези немаше ниту еден ученик, додека по тројца ученици од Поум и Богојци и четворица од Џепин, сите од различни одделенија, со организиран превоз настава ќе посетуваат во најблиските училишта, изјави Хајредини.
Учебната година, нагласи тој, успешно стартувала во основните и средните училишта во Струга. Единствен проблем бил превозот за средношколците, поради неплатени долгови на училиштата кон превозниците, за што Општината била во преговори со превозниците и очекува скоро решавање.
Успешна учебна година исполнета со знаење, радост и нови достигнувања на сите ученици им посака градоначалникот Менди Ќура, порачувајќи им да го истражат светот со љубопитност, храброст и отворено срце.
– Бидете истрајни во остварувањето на вашите цели, верувајте во себе и не плашете се да сонувате големи соништа. Нека се остварат вашите најсмели планови и соништа, а вашите родители и наставници секогаш да бидат горди на вас, порача Ќура.
Во 11-те основни училишта во општина Струга учат 4.661 ученик, а во двете средни 1.789 средношколци. Бројот на запишани првачиња во однос на лани е намален за 11, односно во 2025 година, учебната година ја почнале 481 прваче.
септември 2, 2026
