Регион
Вучиќ: Србија гордо ја чува традицијата како основач на Движењето на неврзаните
Србија, како наследничка на поранешна Југославија, гордо ја чува традицијата на една од земјите основачи на Движењето на неврзаните – изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на собирот во Белград по повод 65-годишнината од основањето на организацијата.
Движењето на неврзаните на 1 септември 1961 година го основаа лидерите на 25 држави, предводени од тогашниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), Јосип Броз Тито, претседателот на Египет, Гамал Абдел Насер, и премиерот на Индија, Џавахарлал Нехру.
Земјите членки тогаш претставуваа речиси две третини од членките на Обединетите нации, а денес Движењето на неврзаните брои 120 членки. – Со гордост се сеќаваме на тој 1 септември 1961 година, кога во Белград се собраа претставници на нашите држави водени од уверувањето дека светот може и мора да биде уреден врз принципите на мирот, рамноправноста, суверенитетот и соработката изјави Вучиќ, кој е домаќин на јубилејниот собир во главниот град на Србија.
Во време на „искушението меѓународните односи да се сведат на политика на сила“, Вучиќ истакна дека членките на Движењето денес се потсетуваат едни со други дека „суверената еднаквост на државите, почитувањето на меѓународното право, мирното решавање на споровите и Повелбата на Обединетите нации се темелите врз кои мора да почива меѓународниот поредок“.
Според српскиот претседател, принципите врз кои е создадено Движењето на неврзаните се исто толку релевантни и денес.
Потпретседателката на Уганда и претседавачка со Движењето на неврзаните, Џесика Алупо, на собирот изјави дека основањето на Движењето било рационален одговор на поделбите во светот и тесноградоста во меѓународните односи.
„Кога дојде до дезориентација околу тоа дали сте капиталист или социјалист, ние јасно кажавме дека до одреден степен ни се потребни двата системи и затоа го имаме форумот на Движењето на неврзаните“, рече Алупо.
септември 2, 2026
