Connect with us

Регион

Дендијас: Грција на европска почва создава производствена база и капацитет за справување со новите закани

По вчерашното потпишување на договорот за противвоздушната, антидрон и антибалистичката „Купола“, Грција на европска почва создава производствена база и капацитет за справување со новите закани – истакна министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендијас, при пристигнувањето на неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Даблин, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендијас посочи дека освен за Блискиот Исток и Украина, на состанокот ќе се разговара и за „предизвиците за европската одбрана и безбедност, како што се новата димензија на вселената, киберпросторот, балистичките ракети и дроновите“.

– Грција има што да понуди во овој дијалог. „Агендата 2030“ и „Штитот на Ахилеа“ се првиот сеопфатен европски обид за справување со сите овие закани. Исто така, би сакал да истакнам дека по вчерашното потпишување на договорот за противвоздушната, антидрон и антибалистичката „Купола“, Грција на европска почва создава производствена база и капацитет токму за справување со овие нови закани – нагласи министерот за национална одбрана на Грција.

Паралелно, посочи дека на состанокот има намера со неговите колеги да разговара и, како што рече, да им објасни дека „ревизионизмот во Источен Медитеран, Егејското Море и Тракија“ претставуваат предизвик за „европскиот простор, за европската одбрана, за европската безбедност, за безбедноста на европските граѓани“.