Connect with us

Општини

Во Делчево учебната година ја започнаа 1.201 ученик, 74 првачиња и 90 нови средношколци

Со свечени приеми, пригодни обраќања, ученички приредби и активности во градскиот парк, во Делчево денеска започна новата учебна 2026/27 година. Во двете основни училишта и во средното општинско училиште наставата ја започнаа вкупно 1.201 ученик, од прво одделение до четврта година средно образование.

-Во ООУ „Ванчо Прќе“ има 425 ученици во 28 паралелки, а во ООУ „Св. Климент Охридски“ 459 ученици во 44 паралелки, заедно со подрачните училишта. Во двете деветолетки вкупно има 884 ученици. Учебната година во Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ започна за 317 ученици од прва до четврта година. Во прва година се запишани 90 ученици, во втора 80, во трета 65 и во четврта 82 ученици, информираше советникот за образование при Општина Делчево, Ванчо Новоселски.

Посебно свечен беше приемот на 74 првачиња во двете основни училишта. Во ООУ „Ванчо Прќе“ првиот училишен ден го започнаа 32 првачиња, а во ООУ „Св. Климент Охридски“ 42.

Во ООУ „Ванчо Прќе“ првачињата беа поздравени од директорот Сашко Ивановски, кој им порача дека првиот училишен ден е еден од најважните денови во животот на секое дете и почеток на патување исполнето со знаење, другарство и нови искуства.

-Вие, драги првачиња, сте нашата иднина. Денес влегувате во светот на книгите, бројките и буквите, но уште поважно – во светот на љубопитноста и откривањето- истакна Ивановски.

Тој ги повика најмладите да учат со радост, да прашуваат без страв и секој ден да доаѓаат со насмевка, затоа што училиштето треба да биде нивниот втор дом.

– Заедно со градоначалникот, наставниците и родителите ќе изградиме мост на доверба и љубов кој ќе ги води вашите и нашите деца кон успех- порача Ивановски, посакувајќи им на првачињата секој училишен ден да им биде нова авантура, а секој успех причина за гордост.

Во ООУ „Св. Климент Охридски“, директорот Димитар Витимлиски им посака добредојде на новата генерација ученици и истакна дека училиштето треба да биде место каде што тие ќе се чувствуваат безбедно, прифатено, сакано и охрабрено да ги развиваат своите таленти и способности.

-Не плашете се од новото, бидете љубопитни, прашувајте, истражувајте и секогаш верувајте во себе- им порача Витимлиски на првачињата.

Тој им посака среќен почеток, многу петки, насмевки и убави спомени, а на родителите им се заблагодари за довербата и порача дека училиштето заедно со нив ќе се грижи за развојот, образованието и благосостојбата на децата.

Свеченоста во „Св. Климент Охридски“ беше збогатена со пригодна приредба на учениците од четврто одделение, со музички и рецитаторски точки посветени на почетокот на учебната година. По програмата првачињата беа прозвани и распоредени во своите паралелки.

На свеченостите во основните училишта присуствуваше градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој порача дека 1 септември за него лично е еден од најголемите празници.

-Јас лично сметам дека 1 септември е најголем празник, затоа што тогаш дечињата се враќаат таму каде што им е местото – во училиште, да се едуцираат, да се надградуваат и еден ден да бидат креатори на сите сектори во нашата општина- рече Гоцевски.

Тој посочи дека од денешните генерации ученици во иднина треба да произлезат доктори, инженери, работници, земјоделски инженери, пилоти, воени стручњаци, учители и други професионалци потребни за општината.

Гоцевски нагласи дека уште од првиот ден сите заедно треба сериозно да ја сфатат образовната работа – учениците, наставниот кадар и родителите – за да се создава подобра иднина.

Говорејќи за поддршката на образованието, тој информираше дека Општина Делчево го зголемила буџетот за стипендирање за два милиони денари, со што се обезбедува дополнителна поддршка за различни категории ученици и за најуспешните средношколци и матуранти.

Општината, исто така, за првачињата обезбеди училишен прибор, како поддршка за нивниот прв чекор во образованието.

Гоцевски посочи дека науката и образованието се меѓу најважните основи за развојот на општеството, а на учениците им порача да не прават разлика меѓу „подобар“ и „полош“ учител.

-Не постои подобар или полош учител. Сите учители се најдобри, затоа што тоа се вашите втори родители- истакна тој, додавајќи дека токму во училиштата се создаваат емоции и пријателства кои можат да траат цел живот.

Посебна свеченост имаше и во СОУ „Методи Митевски – Брицо“, каде што годинава во прва година се запишани 90 ученици. Директорката Марина Синадиновски им посака добредојде на новите средношколци и истакна дека пред нив се четири години исполнети со нови искуства и предизвици.

-Да направиме една топла атмосфера на прифаќање на сето она што значи ново, што значи еден предизвик преку којшто ние ќе се изградиме како идни средношколци коишто ќе бидат носители на прогресот во нашата земја- порача Синадиновски.

Таа им посака успешен почеток и посочи дека првиот ден е само увертира во активностите што ги очекуваат учениците. Класните раководители ги запознаа учениците со основните информации за редот и начинот на функционирање на училиштето и со активностите предвидени за првиот училишен ден.

Во гимназијата годинава има интерес од 90 нови средношколци, што според Гоцевски претставува значаен резултат и мотив за Општината и училиштето дополнително да работат на промоција на гимназиското образование меѓу идните деветтоодделенци.

– Нашата гимназија избра 90 средношколци и тоа е за почит и за поздрав и еден мотив за нас како локална самоуправа и за гимназијата да работиме исто како што работевме и претходната година- рече Гоцевски.

Тој најави продолжување на активностите и трибините со кои кај идните деветтоодделенци ќе се промовира гимназијата како можност за продолжување на образованието во Делчево.

Обраќајќи им се на средношколците, Гоцевски го истакна значењето на дружењето, комуникацијата и создавањето пријателства во средношколските години.

-Во средно, освен што има учење, има и многу дружење. Најголемите другарства и најголемите соработници се прават баш во средното училиште- рече Гоцевски.

Тој им порача на учениците да ги искористат четирите години не само за стекнување знаења, туку и за развивање вештини за комуникација и соработка, нагласувајќи дека успехот во животот не се гради самостојно, туку и преку луѓето со кои соработуваме и на кои им веруваме.

Во рамки на одбележувањето на првиот училишен ден, со поддршка на Општина Делчево беше организиран и заеднички хепенинг во градскиот парк, во кој учествуваа учениците. По свечениот прием, средношколците продолжија со активностите во своите училници.

Гоцевски на учениците им посака среќна и успешна учебна година, многу знаење, успех, петки и добра соработка со наставниците, професорите и раководствата на училиштата.

Првиот училишен ден во Делчево помина во свечена и позитивна атмосфера, со пораки дека образованието, заедничката работа на училиштата и родителите и поддршката од локалната самоуправа се основа за создавање успешни генерации кои во иднина ќе придонесуваат за развојот на Делчево.