Connect with us

Хроника

Кривични пријави за две лица и фирма од струшко Велешта за нелегални ископи во близина на изворите Шум

Струшката полиција поднесе кривична пријава против две лица од селото Велешта и фирма поради нелегални ископи во близина на изворите Шум од кои се снабдува Струга со вода за пиење, и предизвика загадување и заматување на водата 30 пати над дозволеното, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, ОВР Струга поднела кривична пријава против Х.М.(50) и Н.К.(54) , двајцата од струшкото село Велешта како и против правен субјект со седиште во истото село, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Узурпација на недвижности“, „Незаконита експлоатација на минерални суровини“, „Предизвикување опасност при градежни работи“ и „Загадување вода за пиење“.

– Пријавените, со цел остварување противправна имотна корист, на повеќе катастарски парцели во лична и во сопственост на други лица, но и на неколку парцели во државна сопственост лоцирани над струшкото село Вишни, вршеле незаконит ископ и експлоатација на минерални суровини без важечки договор за концесија. Нелегалните ископи ги извршувале во непосредна близина на изворите за вода во струшкото село Шум од каде градот Струга се снабдува со вода за пиење со што, придонеле за директно загадување и енормно заматување на водата за пиење во износ од над 30 пати повеќе од дозволеното, предизвикувајќи долготраен прекин во водоснабдувањето и забрана за користење на водата за пиење, за одржување на лична хигиена и хигиена на раце, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.