Скопје
Ѓорѓиевски: Утрово се спроведе 14-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона
На подрачјето на градот Скопје утрово беше спроведен уште еден авионски третман против комарци, со што бројот на дезинсекции против комарци во текот на оваа сезона достигна 14, напиша во објава на Фејсбук скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Активностите продолжуваат и во наредните денови. За утре во раните утрински часови е најавен нов авионски третман, додека во периодот од 23 до 26 август ќе се спроведе и терестична дезинсекција на подрачјето на градот.
Ѓорѓиевски информира дека сите активности се реализираат плански и системски, согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, а одобрен од надлежните здравствени власти и европската регулатива.
Во текот на сезоната досега се реализирани и повеќе третмани против ларви од комарци, од кои дел авионски, а дел теренски.
– Дезинсекција против ларви e реализирана на 7 мај (авионска), на 11 јуни (авионска), на 26 јуни (теренска), на 10 јули (авионска), на 23 јули (теренска), на 11 август (теренска) и на 18 август (теренска). Дезинсекција против комарци е извршена на 1 и 2 јуни (авионска), на 18 и 20 јуни (теренска), на 27 и 28 јуни (авионска), на 13 и 15 јули (теренска), на 30 и 31 јули (авионска), на 4 и 6 август (теренска) и на 20 август (авионска), напиша во објавата на ФБ скопскиот градоначалник.
До крајот на сезоната, како што најави, ќе бидат реализирани повеќе од 20 третмани против комарци.
-Овие бројки најдобро покажуваат дека дезинсекцијата е континуиран процес кој го спроведуваме навремено, организирано и согласно однапред утврдена динамика. Затоа продолжуваме одговорно, системски и со засилено темпо да ги преземаме сите неопходни мерки за заштита на јавното здравје и поквалитетно секојдневие за скопјани, истакна Ѓорѓиевски.
август 21, 2026
