Connect with us

Свет

Пет самоубиства за еден месец во американската Кибер-команда

Американската кибер-команда покрена истрага по серијата од пет смртни случаи на нејзини припадници и лица кои тесно соработувале со таа воена единица.

Петте смртни случаи регистрирани во периодот од почетокот на јуни до поечтокот на јули предизвикаа загриженост во воениот врв и во Конгресот, а раководството на Кибер-командата ситуацијата ја третира како таканаречен „кластер на самоубиства“, што подразбира примена на посебни процедури за утврдување на околностите и преземање превентивни мерки.

Според извештајот, командантот на единицата уште во јуни ги известил вработените за три смртни случаи, а потоа биле регистрирани уште два.

Кибер-командата спаѓа меѓу најчувствителните структури на американскиот воен и разузнавачки систем. Нејзините припадници се задолжени за заштита на американските воени и други критични мрежи, но и за спроведување кибер-операции во странство.

Генералот Џошуа Руд е командант на Кибер-командата и истовремено директор на Агенцијата за национална безбедност, што го покажува значењето што Вашингтон му го придава на тој сегмент од националната безбедност.

Иако поединечните околности на смртните случаи се уште се испитуваат, последната криза повторно го отвори прашањето за условите во кои работат американските воени кибер-експерти. Поранешни вработени укажуваат на хроничен недостиг на кадар, исклучително интензивно темпо на операции и долготрајни дежурства во строго обезбедени работни простории.

Притисокот врз американските кибер-сили дополнително е зголемен со проширувањето на воените и разузнавачките операции, како и со забрзаната трка во развојот и примената на вештачката интелигенција во кибер-војувањето. Според извори на кои се повикуваат агенциите, особено е оптоварена Националната единица за кибер-мисии, која директно ги поддржува американските операции во странство.

Проблемот, сепак, бил познат и пред последната серија случаи. Раководството на Кибер-командата побарало од Конгресот дополнителни 11 милиони долари за програми насочени кон процена и зајакнување на психолошката, когнитивната и физичката отпорност на припадниците на кибер-силите.

Генералот Руд предупредил дека недостигот од целни инвестиции може да го зголеми ризикот од преоптовареност на вработените и негативно да се одрази врз оперативната подготвеност на единицата.

По последните настани надзорот го засилил и Конгресот. Сенатскиот комитет за вооружени сили го разгледува прашањето за ресурсите и поддршката за Кибер-командата, додека соодветниот комитет на Претставничкиот дом побара од Пентагон посебно информирање за ситуацијата и мерките што се преземаат.

Случајот, освен прашањето за менталното здравје на припадниците на една од најзатворените американски воени структури, го отвори и поширокото прашање колку долго Кибер-командата може да го одржува зголеменото темпо на операции без дополнителен кадар и посилни програми за поддршка на вработените.