Свет
Катастрофални поплави и свлечишта на Филипините: 15 загинати, стотици илјади погодени од невремето
Најмалку 15 лица загинаа, 13 се повредени, а шестмина се водат како исчезнати во поплавите и свлечиштата што ги погодија Филипините по повеќе од една недела обилни врнежи – соопшти денеска полицијата.
Според властите, неколку тропски бури и силните југозападни монсунски дождови погодија повеќе од 750.000 луѓе низ целата земја, при што над 8.000 беа принудени да побараат засолниште во евакуациски центри.
Најголем број од жртвите се регистрирани на главниот остров Лузон, односно во провинциите Бенгет, Ризал и Батангас. Девет лица загинале во свлечишта и калливи одрони, три се удавиле, две починале од струен удар, а едно лице го загубило животот откако врз него паднало дрво.
Бројни патишта и станбени области во околината на главниот град Манила се исто така поплавени, при што на одредени места водата достигнува и над еден метар. Поради поплавите, наставата во училиштата во многу региони е прекината, а траектниот сообраќај е во прекин.
Крајбрежната стража соопшти дека запловувањата и операциите се прекинати во вкупно 20 пристаништа во централниот и источниот дел на Филипините.
Националната метеоролошка служба прогнозира дека поројните врнежи ќе продолжат и во следните денови.
август 10, 2026
