Connect with us

Свет

Над 450 Перуанци учествувале во руско-украинската војна, десетици загинати и исчезнати

Најмалку 11 перуански државјани загинале, а 114 се водат како исчезнати откако се приклучиле во руско-украинската војна – соопшти перуанското Министерство за надворешни работи.

Според официјалните податоци на Министерството, утврдено е дека вкупно 459 Перуанци учествувале во воените дејствија.

„Според официјалните податоци, утврдено е дека 459 перуански државјани учествувале во војната. За жал, 11 од нив ги загубија животите, 114 се водат како исчезнати, а тројца се заробени од украинската армија“, соопшти МНР на Перу.

Од Министерството наведуваат дека 31 Перуанец досега бил евакуиран од Русија, а конзуларното одделение на Амбасадата на Перу во Москва во моментов работи на враќање во земјата на уште двајца млади Перуанци кои се наоѓаат во тешка ситуација. Уште двајца перуански државјани се вратиле во матичната земја на крајот на јули, по завршувањето на нивните конзуларни постапки.

Властите во Лима побараа помош и од Меѓународниот комитет на Црвениот крст за да помогне во пронаоѓањето на сите исчезнати граѓани.

Во меѓувреме, според извештаите на перуанските медиуми, семејствата на Перуанците кои се регрутирани во руската армија се собраа пред Руската амбасада во Лима. Тие бараат нивните роднини, особено повредените, итно да бидат вратени во Перу и бараат официјални информации за нивната местоположба. Портпаролот на семејствата изјави дека добиле неофицијални информации оти бројката на загинати е значително повисока и дека можеби се убиени најмалку 150 Перуанци.

Министерството за надворешни работи апелираше до граѓаните да не наседнуваат на лажни понуди за работа поврзани со војната, предупредувајќи на големиот ризик да станат жртви на мрежи за трговија со луѓе. Воедно, МНР ги потсети граѓаните дека за служење во вооружените сили на странска држава е неопходно официјално одобрение од перуанската влада.

Министерството ги повика граѓаните да ги пријават сите трговци со луѓе вклучени во овие активности до Јавното обвинителство и Националната полиција. Жртвите и нивните роднини можат да се обратат и до конзулатите на Перу во Москва и Варшава, кои ги вршат конзуларните работи за регионот на Украина.