Connect with us

Регион

Зеленски во Белград: Го разбирам скептицизмот на Вучиќ кон ЕУ, но Украина е во војна и нема време за скептицизам

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во прва официјална посета на Белград, за време на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека го разбира неговиот скептицизам во врска со приклучувањето кон ЕУ, но дека Украина е во војна и тие имаат визија за тоа каква треба да биде државата во иднина.

„Не станува збор само за реалност и ентузијазам во изборот на насока кон ЕУ. Го разбирам скептицизмот на Александар (Вучиќ), кој го сподели со мене многу детално вчера. Украина нема време за скептицизам, ние сме во војна, сфаќаме и разбираме каква треба да биде Украина во иднина“, рече Зеленски.

Вучиќ синоќа приреди официјална вечера во чест на Зеленски веднаш по неговото слетување на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, каде го пречека министерката за енергетика и рударство Дубравка Хандановиќ.

Како што додаде Зеленски, во ЕУ постои единство по многу прашања, не само по прашањето на војната, туку и по фактот дека тие имаат некои свои внатрешни проблеми.

„Постојат многу прашања што треба да се избалансираат за да можеме да отвориме сè што сакаме, уверен сум дека можеме да го направиме тоа“, потенцира тој, додавајќи дека им е потребна поголема поддршка за справување со финансиските проблеми.

„Синоќа и денес, претседателот и јас разговаравме за билатералната соработка и работи што можат да ја зајакнат нашата инфраструктура, железниците, безбедноста. Постојат специфични проекти за развој на инфраструктурата, како што се проектите за обнова на Украина, што можеме да ги спроведеме заедно. Ова би бил значаен придонес за зачувување на постојните работни места и создавање нови и во Украина и во Србија“, рече Зеленски.

Тој истакна дека разговарале за предизвиците со кои се соочува Украина и термоцентралите што беа нападнати во таа земја.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите во Србија што го пречекаа нашиот народ со грижа и загриженост, никогаш нема да ја заборавиме љубезноста кон нашите Украинци“, рече Зеленски.

Посочи дека се благодарни што Србија ќе обезбеди нов пакет хуманитарна помош за Украина, особено во областите на здравството и енергетиката.

„Треба напорно да работиме за да постигнеме договор за слободна трговија, овие преговори напредуваат и ова е позитивно. Би било добро да се подготви сè до крајот на оваа година за да можеме да склучиме договор за слободна трговија меѓу Украина и Србија“, нагласи Зеленски.

Тој додаде дека ситуацијата во Украина не е едноставна и дека синоќа имало напад со балистички ракети и млазни беспилотни летала.