Регион
Мацут разговараше со Зеленски за билатералните односи и ситуацијата во Украина
Српскиот премиер Ѓуро Мацут денеска во Белград разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за билатералните односи, ситуацијата во Украина и европските и меѓународните прашања, соопшти владата.
Мацут изјави дека Србија континуирано обезбедува хуманитарна помош за цивилното население во Украина. „Како земја што ја разбира вредноста на мирот, Србија секогаш ќе поддржува секој сериозен напор што води кон прекин на конфликтот, намалување на страдањето и создавање услови за стабилна и безбедна иднина“, се вели во соопштението.
Тие разговараа и за понатамошниот развој на билатералните односи, при што Мацут, како што се наведува, ја истакна важноста од продолжување на директниот политички дијалог и унапредување на соработката во областите од заеднички интерес.
Мацут додаде дека Србија го поддржува европскиот пат на Украина и дека Белград е подготвен да ги сподели своите искуства од процесот на европска интеграција.
Премиерот Мацут приреди ручек за Зеленски по состанокот, за време на кој разговорите продолжија во проширен состав, се заклучува во соопштението.
август 10, 2026
