Регион
Мицотакис ги демантира сценаријата за предвремени избори на есен
Сценаријата за предвремени парламентарни избори на есен, уште еднаш ги демантираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој во интервјуто за телевизијата „Опен“, објасни дека владините активности, кои, како што рече, новинарите, понекогаш ги толкуваат како „генерална проба“ за можни избори, „што нема да се одржат наесен“ се во рамките на политиката на Владата да не престанува со својата работа затоа што влегла во четвртата година од својот мандат, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека Владата имплементира четиригодишна програма со појдовна точка мандатот што го доби од грчкиот народ на изборите во 2023 година и ќе продолжат со истото темпо сѐ до завршувањето на четиригодишниот мандат и нагласи дека владините активности и владината раздвиженост не значат предизборен период.
– Сè уште имаме богата програма на владини активности, многу проекти што треба да ги завршиме и многу други што треба дополнително да ги започнеме. Бидејќи проектите што ги планираме денес се проектите што ќе се реализираат во следните четири години. Тоа, впрочем, е природата на големите проекти. Затоа, не носете заклучоци врз основа на една владината раздвиженост, која за нас не е нешто невообичаено. Јас, впрочем, речиси секоја недела сум во грчката периферија; тоа е нешто што го правам уште од првиот ден кога бев избран. За мене, изборниот период, како што имам кажано, започна уште првиот ден по изборите во 2023 година, рече грчкиот Мицотакис.
Додаде дека на Меѓународниот саем во Солун на почетокот на септември, каде што традиционално, актуелната Влада да ја претставува економската програма за следната година, ќе презентираат четиригодишна програма, „бидејќи тоа ќе биде последниот Меѓународен саем во Солун пред изборите во 2027 година“.
јули 25, 2026
