Connect with us

Свет

Медиуми: Русија пренасочува гориво од Сибир за да спречи недостиг во Москва

Руските власти пренасочуваат испораки на гориво од Сибир и го зголемуваат увозот од Белорусија за да спречат недостиг во Московската област, најнаселениот и еден од најбогатите региони во земјата, јави Ројтерс, повикувајќи се на извори од енергетскиот сектор.

Мерките се преземени по нарушувањата во снабдувањето предизвикани од украинските напади со беспилотни летала врз руски нафтени рафинерии, пренесува БТА.

Недостигот на гориво се чувствува во различен обем во руските региони од мај наваму, кога Украина ги интензивираше нападите врз рафинериите со цел да ги ослаби руските воени операции.

Според претставници од секторот, производството на бензин во Русија на почетокот на јули паднало на околу 65 проценти од вообичаената сезонска потрошувачка, бидејќи понудата со месеци не можела да ја задоволи побарувачката.

Нападот врз Московската рафинерија во средината на јуни предизвика недостиг на гориво и долги редици на бензинските пумпи. Сепак, според регионални трговци, до средината на јули снабдувањето во Москва и Московската област се стабилизирало и количините бензин и дизел биле доволни за покривање на побарувачката.

Во Московската област живеат околу 22 милиони луѓе, повеќе од една шестина од населението на Русија, а уште од времето на Советскиот Сојуз снабдувањето на главниот град традиционално има приоритет.

Најпогоден регион во моментов е анектираниот полуостров Крим, каде што се ограничени одредени туристички активности, воведени се ограничувања за продажба на гориво и скратено е работното време на продавниците и кафулињата.

За да се надомести недостигот, испораки на бензин од Урал и Сибир, како и увоз од Белорусија, се пренасочени кон Московската област.

Еден трговец изјавил дека рафинеријата во Ачинск, во Краснојарскиот крај, веќе испорачува гориво за Москва, а дополнителните количини што пристигнуваат од други региони се мерат во неколку стотици илјади тони.

Московската област годишно троши околу шест милиони тони бензин. За да ја задоволи побарувачката, Русија почнала да увезува гориво и од Индија.

Рускиот вицепремиер Александар Новак денеска изјави дека домашниот пазар на горива делумно се стабилизирал, иако состојбата во некои региони и натаму останува сложена.

Ad
Ad