Connect with us

Свет

Повеќе од 50 полицајци и исто толку демонстранти се повредени во судирите во Њу Делхи

Повеќе од 50 припадници на силите за безбедност и исто толку демонстранти беа повредени денеска во Њу Делхи во судири меѓу полицијата и учесниците на протестниот марш организиран од таканаречената „Народна партија на бубашвабите“.

До насилството дојде откако демонстрантите почнаа да фрлаат камења кон припадниците на жандармеријата, изјави полициски претставник. Повеќе од 100 демонстранти се приведени.

На социјалните мрежи се појавија неколку видеоснимки на кои се гледа како припадници на безбедносните сили удираат со палки демонстранти кои се обидувале да го пробијат полицискиот кордон. Од полицијата во главниот град соопштија дека ја проверуваат автентичноста на сите објавени снимки.

Повредените полицајци и демонстранти биле пренесени во различни здравствени установи. На неколку локации во Њу Делхи полицијата употребила солзавец за да ги растера собраните граѓани.

Против учесниците во насилството веќе е започната кривична постапка, а безбедносните мерки се дополнително засилени на клучните точки околу Парламентот.

Рано утринава илјадници демонстранти се собраа во центарот на Њу Делхи, и покрај забраната за одржување на протестот што ја издадоа властите. Меѓу демонстрантите имало и деца кои излегле од домовите без знаење на родителите, постари лица кои поминале низ неколку сојузни држави за да стигнат до престолнината, како и студенти со транспаренти.

Протестирачите, кои се собраа на првиот ден од летната сесија на Парламентот, бараат оставка од министерот за образование Дхармендра Прадхан. Тие тврдат дека дошло до масовно протекување прашања од тестовите за некои од најважните приемни испити за факултетите, како и до други сериозни нерегуларности.

Уште во раните утрински часови, центарот на престолнината бил преплавен со демонстранти, од кои некои носеја знамиња и извикуваа пароли додека се упатуваа кон зградата на Парламентот. Голем број учесници пристигнале во текот на ноќта од други градови и носеле ранци.

Во различни делови од Њу Делхи беа распоредени припадници на жандармеријата, а патиштата што водат кон Парламентот блокирани со полициски кордони. Припадниците на безбедносните сили запреле неколку групи демонстранти во близина на зградата на законодавниот дом.

На неколку места, меѓу кои булеварот „Парламент стрит“, метро-станицата „Пател Чоук“ и станицата „Бхаван“, уште во утринските часови дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Припадниците на редот употребиле солзавец и палки за да ги одвратат оние кои се обиделе да ги пробијат полициските барикади.

Во некои делови од Њу Делхи беше прекинат интернетот.

Почетната точка на протестниот марш беше историскиот астрономски комплекс „Џантар Мантар“, каде што активистите на „Народната партија на бубашвабите“ веќе еден месец одржуваат седечки протест. Голем број учесници се обиделе да ги заобиколат полициските кордони и да стигнат до Парламентот преку помали улици кои не биле блокирани. Други повеќепати се обидувале да ги пробијат полициските блокади.

Подоцна во текот на денот, двајца претставници на „Народната партија на бубашвабите“ се сретнаа со министерот за здравство Џагат Пракаш Нада. Индиската Влада му додели на Нада овластување да го води дијалогот со демонстрантите.

Од „Народната партија на бубашвабите“ соопштија дека Нада ги уверил оти ќе ги разгледа барањата на демонстрантите со останатите министри во Владата.

Ad
Ad