Свет
Повеќе од 26.000 хектари изгореа во најголемиот пожар годинава во Шпанија кој и натаму е надвор од контрола
Најголемиот шумски пожар во Шпанија од почетокот на годинава и натаму е надвор од контрола и веќе петти ден беснее во покраината Гвадалахара, северно од Мадрид, додека метеоролозите предупредуваат дека претстојниот топлотен бран дополнително ќе го зголеми ризикот од пожари во поголем дел од земјата.
Шпанија, како и поголемиот дел од Јужна Европа, се соочува со сè потешки шумски пожари во текот на летната сезона, тренд што научниците го поврзуваат со климатските промени.
Пожарот избувна помалку од две недели по трагичниот пожар во близина на Бедар, во покраината Алмерија, во кој загинаа 13 лица – еден од најсмртоносните пожари во Шпанија во последните децении.
Властите денеска евакуираа уште три општини, откако пожарот во општината Миерла, во покраината Гвадалахара, зафати повеќе од 26.000 хектари. Повеќе од 1.000 жители беа евакуирани од своите домови.
Претседателот на автономната заедница Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, изјави дека речиси 30 населени места се опкружени со пламените јазици, нагласувајќи дека за пожарникарите најголем приоритет остануваат заштитата на човечките животи и спречувањето огнот да стигне до населените места.
Шпанската метеоролошка служба соопшти дека третиот топлотен бран годинава ќе трае најмалку до четврток, при што температурите во регионот ќе надминат 40 степени Целзиусови, што ќе ја зголеми опасноста од шумски пожари на екстремно ниво.
В четврток, во некои делови од земјата температурите би можеле да достигнат меѓу 42 и 44 степени, поради навлегување жешки и суви воздушни маси од Северна Африка.
Метеоролозите предупредија и на можни грмежи со минимални врнежи во планинските предели во источниот дел на Шпанија.
Шпанија годинава е најпогодената земја од шумски пожари во Европската Унија. Според податоците на европската програма „Коперник“, во 2026 година во земјата изгореа 104.423 хектари, во споредба со 41.781 хектар во Франција.
Минатото лето Шпанија ја забележа најтешката сезона на пожари во последната деценија, со 354.747 изгорени хектари и 63 големи шумски пожари.
јули 21, 2026

