Connect with us

Економија

Мицкоски во посета на „Кромберг и Шуберт“, се разговарало за приоритетите, вработувањето, развојот на техничкиот кадар

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во работна посета на производствениот погон на компанијата „Кромберг и Шуберт“, лоциран во Индустриската зона Жабени, Битолско. Разговорот бил фокусиран на индустриските приоритети, вработувањето, развојот на техничкиот кадар и долгорочната конкурентност на македонската економија.

– За време на посетата, премиерот Мицкоски се сретнал со Жељко Матиевиќ, главен извршен директор на Групацијата Кромберг и Шуберт, Георги Тренкоски и Влатко Цековски, менаџери на фабриката во Битола, како и со членови на менаџерскиот тим на компанијата. На посетата присуствуваше и градоначалникот на општина Битола. Разговорот беше насочен кон индустриските приоритети, производствените операции, тековните активности на компанијата, човечкиот капитал, техничкото образование, инфраструктурата и условите неопходни за обезбедување на долгорочната конкурентност на македонскиот индустриски сектор – информираат од компанијата.

„Кромберг и Шуберт“, велат од таму, е најголемиот индустриски работодавач во државата.

– Присуството на компанијата во Битола и Пелагонискиот Регион има клучна улога не само преку отворање илјадници директни работни места туку и преку придонесот кон локалната економија, семејните приходи, транспортот, услужниот сектор, образованието, развојот на кадар и деловната заедница. Компанијата исто така игра значајна улога во зајакнувањето на македонските извозни перформанси. Како дел од глобалната автомобилска индустрија, „Кромберг и Шуберт“ произведува висококвалитетни автомобилски компоненти за извоз и е еден од водечките индустриски извозници во земјата – се вели во денешното соопштение од компанијата. 

За време на средбата било истакнато дека фабриката во Битола продолжува да работи успешно и оти овој напредок уште еднаш ја потврдува важноста на фабриката како составен дел од глобалната производствена мрежа на „Кромберг и Шуберт“ и како значаен фактор за македонската економија, извоз и пазар на труд.

Во текот на разговорите исто така било нагласено дека стабилното работење на фабриката бара континуирани инвестиции во кадарот, знаењето и организацијата, како и блиска соработка со јавните институции. Посебен акцент бил ставен на потребата од развој на висококвалификуван технички кадар, кој ќе може да одговори на променливите барања на современата автомобилска индустрија.

Во рамките на посетата делегацијата ги обиколила производствените капацитети. Премиерот Мицкоски имал можност од прва рака да се запознае со производствените процеси на компанијата, оперативните стандарди и важната улога што вработените ја имаат во секојдневното работење на фабриката. Тој исто така директно разговарал со вработени вклучени во производствениот процес.

„Кромберг и Шуберт“, нагласуваат од команијата, ја смета посетата за важна можност за директен дијалог меѓу Владата и бизнис-заедницата за прашања од заедничко значење за компанијата, производствената индустрија, работната сила, државата и Пелагонискиот Регион.

Компанијата, велат, останува посветена на одржување стабилно производство, поддршка на своите вработени и континуиран придонес кон индустрискиот развој и извозните перформанси на државата. 

Ad
Ad