Регион
Личните предмети на четворица Грци затвореници во нацистичките логори предадени на нивните семејства
Рачен часовник, паричник со монети, џебен часовник, прстени, се дел од предметите кои четворица грчки затвореници ги предале при пристигнувањето во нацистичките логори, а сега 81 година подоцна, во рамките на кампањата #StolenMemory на архивите Аролсен, им се враќаат на нивните семејства и роднини, пронајдени благодарение на истражувањата на ученици од средни училишта во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во Министерството за надворешни работи, претпладнево се одржа манифестација на која на роднините на четворица Грци им беа врачени личните предмети, оние кои ги имале со нив кога од Грција со воз биле пренесени во концентрациониот логор Нојенгаме, каде што вршеле принудна работа.
Во архивите Аролсен имало лични предмети на вкупно деветмина Грци, на семејствата на петмина од нив веќе им биле предадени, додека пак на останатите четворица тоа беше сторено на денешниот настан со што се финализираше кампањата #StolenMemory во Грција.
На настанот беше нагласено дека иницијативата во Грција има особено значење, а грчкиот случај се издвојува со две уникатни карактеристики на меѓународно ниво: прво, станува збор за прва и единствена земја во светот во која учеството на ученици во процесот на пронаоѓање на семејствата на жртвите на нацизмот е дел од иницијативата реализирана од Министерствата за надворешни работи и образование, религија и спорт на Грција и второ, Грција стана првата земја која успеа да ги пронајде семејствата на сите девет жртви чии лични предмети беа чувани во архивите Аролсен.
Дополнително, беше посочено дека со ова се одржува жив споменот на загинатите и да се упати порака во иднина да не се повтори истата трагедија.
Ученици од четири средни училишта, три од Атина и едно од Солун, работеле на пронаоѓање на семејствата на четворицата грчки затвореници, истражувале, пребарувале, а преку куси видеа средношколците раскажаа како од достапно само име и презиме и без голем број дополнителни информации, успеале да ги најдат роднините, да ги информираат за личните предмети, а од нив да добијат стари фотографии и дополнителни информации за жртвите.
Некои се вратиле живи во Грција, но нивните лични предмети одземени од нацистите, никогаш не ги добиле назад, сега, 81 година по завршувањето на Втората Светска војна се во рацете на нивните најблиски роднини.
Рачниот часовник на Евангелос Керасотис, го прими ќерката на неговиот брат, рачен часовник оставил и Георгиос Сагматопулос, а сега ѝ беше предаден на внуката на неговата сестра.
Димитриос Вафиадис кога пристигнал во нацистичкиот логор со него имал џебен часовник, паричник со ситни пари и прстен, кои биле зачувани и денеска предадени на синот на неговата сестра, додека пак нараквицата и брошот на Николаос Фасулиотис ги прими неговата ќерка.
Дел од роднините на затворениците, беа видно потресени, некои не ги криеја нивните солзи радосници, а сите, срдечно им се заблагодарија на средношколците за нивната успешна мисија.
Во архивите Аролсен во Германија постојат околу 3.000 лични предмети од нацистичките концентрациони логори, како што се џебни и рачни часовници, прстени, паричници, семејни фотографии, чешли, жилети и сл, а често, тоа биле последните нешта што жртвите ги поседувале и ги носеле со себе во моментот на нивното апсење. Сопственици на предметите биле пронајдени во над 30 земји, главно Полска и поранешниот Советски Сојуз.
Една од најзначајните активности на архивите Аролсен е кампањата #StolenMemory, што започна во 2018 година, а има за цел пронаоѓање на семејствата на жртвите на нацистичкиот прогон, чии лични предмети биле пронајдени во нацистичките концентрациони логори и логорите за принудна работа по завршувањето на Втората светска војна.
Кон крајот на 2018 година, го информирале Министерството за надворешни работи на Грција дека во нивната архива се чуваат лични предмети на осуммина Грци-жртви на нацистичкиот прогон.
Првите обиди за пронаоѓање на нивните семејства не дале резултат, а од 2021 година Министерството за надворешни работи и Министерството за образование, религија и спорт започнале да ја разгледуваат идејата истражувањето да им биде доверено на ученици од средните училишта во земјата.
Семејствата на седуммина од девет Грци биле пронајдени од средношколците за време на програмите во учебните години 2024/25 и 2025/26.
Слични активности со вклучување на ученици, повремено биле организирани од поединечни училишта во други земји, како Полска, но за разлика од Грција, не биле дел од национална програма осмислена и спроведена од државните институции.
јуни 26, 2026

