Свет
„Волстрит џурнал“: Трамп сака трилатерален самит со Путин и Шји во стил на „Јалта 2“
Американскиот претседател Доналд Трамп сака да организира трилатерален самит со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џјинпинг, што би можело да доведе до нова поделба на светот на сфери на влијание, пишува денеска „Волстрит џурнал“.
Весникот го споредува потенцијалниот состанок на лидерите на САД, Кина и Русија со Јалтската конференција од 1945 година, нарекувајќи го „Јалта 2“.
Во текстот насловен „Новиот глобален триумвират на Трамп?“, „Волстрит џурнал“ оценува дека обидите на Трамп да им се приближи на Путин и Шји на „Јалта 2“ би можеле да ги растурат сојузите, како во САД така и во странство.
Во уводникот на весникот се наведува дека Трамп одамна е заинтересиран за постигнување големи договори со Русија и Кина, а неговата сегашна политика кон Украина и Европа е дел од поширока стратегија.
„Волстрит џурнал“ оценува дека неодамнешното ублажување на американските санкции за руската нафта и дизел-горивото укажува на желбата на Вашингтон да постигне поамбициозни договори со Москва.
Според весникот, таквите договори би можеле да доведат до „раскол“ во НАТО, слабеење на американските позиции во регионот на Пацификот и зголемен кинески притисок врз Тајван.
Редакцијата оценува дека е тешко да се предвидат потезите на Трамп, бидејќи тој дејствува импулсивно, но оти тенденциите кон „Јалта 2“ се забележливи подолго време.
„Тој одамна посакува големи договори со Русија и Кина, а тоа би можело да биде неговата мотивација сега, кога го заострува непријателскиот став кон Украина и Европа и се обидува да организира самит „Јалта 2“ со Владимир Путин и Шји Џјинпинг“, наведува „Волстрит џурнал“.
Во текстот се посочува дека споредбата со Јалтската конференција од 1945 година не е целосно соодветна.
„Но, тројцата лидери се обидоа да го поделат светот, а тоа е опасноста во она за што Трамп вели дека сега е отворен. Како што напишавме пред изборите во 2024 година, тоа беше еден од нашите главни стравови во врска со неговиот втор мандат“, заклучува весникот.
октомври 21, 2026


