Connect with us

Општини

Во општина Дебар 149 првачиња, во гимназијата 131 ученик во прва година

Во трите општински основни и нивните подрачни училишта во Општина Дебар, денеска за првпат во ученичка клупа седнаа 149 првачиња, а средното образование во гимназијата го започнаа 131 ученик.

Ним и на сите ученици успешна учебна година им посака градоначалникот Фисник Меља, 

-Денеска започнува ново поглавје во образовниот пат на учениците. Училиштата ги отворија своите врати за учениците за учебна година исполнета со знаење, посветеност, предизвици и нови можности. Посебен почеток за учениците кои за првпат седнуваат во училишните клупи, но и важен момент за секој ученик, наставник и родител. Со верба во знаењето, образованието и иднината на младите генерации, да ја започнеме оваа учебна година со мотивација и нова енергија. Успешна нова учебна година на сите ученици- напиша Меља во објава на Фејсбук.

Гледано одделно по училишта, во деветолетката „Пенестија“, која е најголема во поширокиот регион, запишани се 73 првачиња, од кои 56 се за настава на албански и 17 на македонски наставен јазик, од нив две првачиња се во подрачното училиште во село Џепиште.

Во деветолетката „Саит Најдени“ во градот, каде наставата се одвива на албански јазик, запишани се 42 првачиња, додека во ООУ „Ристе Ристески“ во село Долно Косоврасти и подрачните училишта во Могорче и Горно Косоврасти, каде наставата се изведува на македонски јазик,  34 првачиња. Според управите на училиштата бројот на првачињата, споредено со минатата година, во трите училишта бележо намалување во просек по 20 првачиња.

Во единственото средно училиште, гимназијата „28 Ноември“, според директорот Аргетим Трепча, во прва година се запишани 131 ученик, од нив 34 за настава на македонски јазик, од кои 4 во подрачната паралелека во село Могорче, додека 97 за настава на албански наставен јазик. Во оваа образовна институција настава следат над 470 ученици.