Вести
Скопје доби градски воз – промовирана линијата од Зелениково до железничката станица, до крајот на годината почнува изградбата на уште две линии
До почетокот на 2028 година треба да се заокружи проектот „Градски воз“ што денеска беше официјално промовиран со симболично патување со воз на претставници на Владата и на железничките претпријатија на првата линија од Зелениково до Нова железничка станица. Проектирањето за другите две линии треба да заврши до октомври, до крај на годината да почнат градежните активности, а до почетокот на 2028 да бидат во функција.
Проектот „Градски воз“ стартува една година по промоцијата, а на линија од Зелениково до Скопје и обратно се стигнува за неполни 25 минути. Има 25 километри реконструирана железничка мрежа, повеќе станици и постројки. Возовите без никаков проблем гравитираат со брзина од 80 километри на час, а некаде и со 100 километри на час. Билетот во еден правец чини 40 денари, повратен 70 денари, а месечен 1040 денари.
– Имаме три линии на „Градски воз“, едната ја пуштаме денеска, во моментов ги проектираме паралелно останатите две. Едната е од Волково, преку Ѓорче Петров, Скопје Север, до Железничка станица Скопје, во должина од 18 километри. Втората е од Миладиновци Илинден, Маџари и ја завршуваме повторно тка на оваа станица во должина од 20 километри. Верувам дека за двете паралелно проектирањето би завршило на крај на октомври, во соработка со Владата се обезбедени средства. Веруваме дека до крајот на оваа година ќе започнеме и градежни активности на двете делници паралелно кои би требало до крај на 2027 година најмногу на почетокот на 2028 година да бидат функционални и оперативни. И на тие делници има патни премини. Ќе работиме на возобновување на железничките станици за да добиеме еден вид алтернативен крвоток на пруга, рече на новинарско прашање Синиша Ивановски, директор на ЈПЖРСМ Инфраструктура.
Според него, најголем предизвик е почитувањето на патната сигнализација, а фокусот е подигање на безбедноста на повисок степен.
– Во Македонија вкупно има над 155 патни премини, до пред некое време над 90 проценти не беа во функција или беа со стари кабли а уште поголем проблем се честите кражби на бакарот којшто ја дава сигнализацијата меѓу централната командна соба и патните премини. На градски воз има вкупно 11 патни премини, не секој премин е со рампа, некои имаат само светлосна сигнализација од семафор. Меѓутоа, вчера бевме сведоци каде што оној којшто решил да не го почитува патниот премин, не го почитува. На спуштена рампа помина, пред возот се обиде помине.Викендов имавме ситуација кога возило удри во возот непочитувајќи патен премин и рампа. Ова е најпредизвикувачкиот сегмент од функционирањето на самата железница во Македонија, многу полесно е да реконструираме. Најголемиот фокус и во овој период и во тој што следи е да ја подоигнеме безбедноста на повисок степен, рече Ивановски, потенцирајќи дека вложуваат напори да ги направат максимално функционални патните премини.
Премиерот Христијан Мицкоски кој со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и раководставата на железничките претпријатија патуваа со воз од Зелениково до Новата железничка станица во Скопје, оцени дека условите во кои ја поминале делницата од се навистина европски. Со ова, посочи, не ги решаваме сите проблеми што ги имаме, но ова е чекор напред во делот на решавање дел од проблемите во транспортот и животната средина, загадувањето, имајќи предвид дека пред нас се грејната сезона и предизвиците што со неа доаѓаат.
Вицепремиерот Николоски посочи дека ова е почеток на реализација на визија што треба да значи далеку поефикасен јавен превоз, поголема заштита на животната средина, намалување на загадувањето и поголема мобилност на жителите на градот Скопје и сите општини што гравитираат околу него. – Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти и е уште поголем доказ, дека нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, еве после две години се враќа во превоз. Ако пред две години имавме напуштени и девастирани пруги, железнички станици кои што беа затворени и се распаѓаа, возови кои што не работеа и бројни композиции лежеа на македонските пруги, еве денеска после две години имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера веќе имаме и градски воз – истакна Николоски.
Во рамки на проектот е извршена темелна модернизација на пругата. Стариот колосек е демонтиран, дотраените дрвени прагови се заменети со нови бетонски, а колосекот е машински подбиен и регулиран со современа механизација.
Како што посочи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, проектот значително ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и за поголема мобилност на граѓаните.
Целта е железничкиот и автобускиот превоз да функционираат како интегриран систем. Синхронизирањето на возните редови треба да овозможи полесно и побрзо поврзување на различните делови од градот и околината.
Градскиот воз, посочи, е само еден дел од поширокиот план за модернизација на јавниот превоз во Скопје.
– Завршена е постапката за набавка на 100 нови градски автобуси, а нивната испорака следува во периодот што претстои. Со новите автобуси ќе се обнови возниот парк и ќе се подобрат условите за патување на скопјани. Паралелно, подготовките за БРТ-системот се во завршна фаза, со што Скопје треба да добие уште еден современ и ефикасен столб на јавниот транспорт – велат од Град Скопје.
септември 2, 2026
