Вести
Николоски: Градскиот воз е реалност, огромна предност за учениците, студентите, пензиониерите и за сите граѓани за побрз, поевтин и поефикасен јавен превоз
Со симболичното патување на релацијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје денеска официјално беше пуштена во функција првата фаза од проектот „Градски воз“, со кој периферните населени места и општини се поврзуваат со централното подрачје на Скопје. На промоцијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“, градоначалникот на Град Скопје и дел од скопските градоначалници.
Вицепремиерот Александар Николоски истакна дека ова е почеток на реализацијата на визија за поефикасен јавен превоз, поголема мобилност и подобра заштита на животната средина.
“Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти и е уште поголем доказ, дека нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, еве после две години се враќа во превоз. Ако пред две години имавме напуштени и девастирани пруги, железнички станици кои што беа затворени и се распаѓаа, возови кои што не работеа и бројни композиции лежеа на македонските пруги, еве денеска после две години имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера веќе имаме и градски воз”- истакна Николоски.
Тој посочи дека Владата го исполни ветувањето дека првата фаза од градскиот воз ќе започне на 1. септември и порала што повеќе граѓани и млади да го користат во секојдневието.
“Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември и така се случи, се надевам дека ќе ја користат многумина, се надевам дека многу ќе помогне и на учениците и на средношколците, на сите оние кои што сакаат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите и ќе ја користиме сите ние”- рече заменик претседателот на Владата.
Николоски на крајот упати благодарност до премиерот Мицкоски, посочувајќи дека реализацијата на вакви проекти значи и реализација на идејата на првиот човек на државата, а тоа е Македонија да стане инфраструктурна крстосница на Балканот.
“Со реализацијата на Коридорите 8 и 10 и со реализацијата на вакви проекти, Македонија навистина станува раскрница на Балканот”- потенцираше вицепремиерот Александар Николоски.
септември 2, 2026
