Connect with us

Регион

„Рајанер“: Поради дефект на грчкиот систем за контрола на летањето доцнеа 37 летови

„Рајанер“, авиокомпанијата број еден во Европа, денеска ја повика на Европската комисија итно да го реформира нефункционалниот систем за контрола на воздушниот сообраќај во Европа, откако дефект на опремата на грчкиот систем за контрола на летањето во вторникот, на 1 септември, предизвика сериозни нарушувања во грчкиот воздушен простор, со доцнење на 37 летови на „Рајанер“ и погодени речиси 7.000 патници, со доцнења до три часа, соопштија од ирската нискобуџетна авиокомпанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според „Рајанер“ ова е четврт голем дефект во Грција во последните 12 месеци и, како што велат, „уште еднаш се покажува целосниот неуспех на грчката Влада соодветно да ја управува и финансира својата инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај“.

Додаваат дека патниците и авиокомпаниите продолжуваат да плаќаат дури и повисоки такси за услугите на контролата на летањето, а притоа добиваат сè понеквалитетна услуга.

– Неприфатливо е патниците кои патуваат кон и од една од најфреквентните туристички дестинации во Европа и понатаму да трпат нарушувања што се повторуваат поради тоа што грчките системи за контрола на летањето се застарени, недоволно е вложено во нив и постојано откажуваат. Ситуацијата стана толку апсурдна што авиоиндустријата неодамна беше принудена да донира средства за замена на основната опрема за контрола на воздушниот сообраќај, што требаше да биде финансирана од грчката држава, соопштија од „Рајанер“.

Упатија критики и до Европската комисија дека постојано зборува за конкурентност и ефикасност, а продолжува да толерира дефекти што се повторуваат на системите за контрола на летањето низ Европа, но и дека „мора да престане само да објавува соопштенија за јавност и конечно да спроведе реформи“.

Главниот оперативен директор на компанијата Нил МекМахон, посочи дека Грција е една од најфреквентните дестинации во текот на летната сезона, а сепак „нејзиниот систем за контрола на летањето останува целосно неподготвен да обезбеди стабилно и сигурно функционирање“

– Комисијата на Урсула фон дер Лајен постојано ветува конкурентност и ефикасност, но нема ништо конкурентно или ефикасно во повторените дефекти на системите за контрола на воздушниот сообраќај кои непотребно нарушуваат илјадници патувања. Европската комисија мора итно да интервенира, да спроведе реформи во неуспешниот европски систем за контрола на летањето и да ги повика одговорните на одговорност. На европските патници им е доста, порача МекМахон.