Connect with us

Регион

Во Белград се одбележува 65 години од првата конференција на Движењето на неврзаните

Во Палатата на Србија почна состанок посветен на 65-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните, а пленарната сесија ќе ја отворат српскиот претседател Александар Вучиќ и потпретседателката на Уганда, Џесика Алупо.

На состанокот присуствуваат делегации од повеќе од 30 земји од Движењето на неврзаните и земји набљудувачи, а шефовите на делегациите ги пречека претседателот Вучиќ и министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ. По пленарната сесија, шефовите на делегациите на земјите учеснички на состанокот симболично ќе засадат дрво во Паркот на пријателството на Ушќе.

Вучиќ синоќа беше домаќин на вечера по повод 65-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните.

Собирот во Белград е можност да се разгледа историското наследство од Белградската конференција и уште еднаш да се потврди заедничката посветеност на Повелбата на ОН, меѓународното право и духот на мултилатерализмот во контекст на решавање на глобалните предизвици, објави претходно српската Влада.

Со одлука на српската Влада минатата година, 1 септември се одбележува како Ден на неврзаните во Србија, дополнително потврдувајќи го историското значење на Белградската конференција и нејзиниот придонес во развојот на современите меѓународни односи.

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ денеска изјави дека Србија е горда на историската улога на Белград како место каде што се одржа првата конференција на Движењето на неврзаните пред 65 години. Тој додаде дека наследството од првата конференција на Движењето на неврзаните останува многу значајно во светот кој повторно се соочува со длабоки поделби и предизвици.